Бугарското МНР се огради од Џамбаски

Бугарското Министерството за надворешни работи објави свој „став во врска со неодамнешните јавни изјави во однос на Северна Македонија“, а како одговор на протестната нота упатена од наша страна по изјавите на европратеникот Ангел Џамбаски кој го навредуваше премиерот Димитар Ковачевски и промовираше Голема Бугарија. .
„Бугарија секогаш се стремела кон зајакнување и продлабочување на пријателството и добрососедството во односите со Северна Македонија. Бугарската држава инвестира многу напори за реализирање на таа цел во последните години“, се вели во ставот на бугарското МНР.
„Во таа насока, МНР одново потенцира дека секакви јавни изјави кои ја навредуваат или провоцираат другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, и обиди да бидат претставени како такви се некоректни и знак на недобронамерност. Независно од мноштвото провокации против Бугарија и особено против Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, го сметаме таквиот говор за неприфатлив и исклучително контрапродуктивен. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го оттргнуваат општественото внимание од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство“, се наведува во соопштението.
На крајот, бугарското МНР „во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, ги повикува политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки кон потпомагање на процесот за враќање на довербата и зајакнување на добрососедските односи“.
Но, истиот ден кога е објавен ставот на бугарското МНР (19-ти октомври), од пратеници во Народното собрание, но и бугарски европратеници, повторно беа искажани ставови, слични на оние поради кои македонското МНР претходно реагираше до Софија.Пратеникот и лидер на партијата „Преродба“, Костадин Костадинов, во говорот во Народното собраниедаде изјава која недвосмислено рефлектира територијални претензии.
„Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа – Македонија, или како што е позната од скоро, Северна Македонија“, порача пратеникот Костадинов.
Пратеничката и лидерка на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, од собраниската говорница даде предлог како да се заштити достинството на бугарскиот народ.
„Има едно прашање, кое некако набрзина го решивме на крајот од минатиот парламент. Ние од ‘БСП за Бугарија’ не ја поддржавме одлуката на парламентот за давање зелено светло за членство на Република Северна Македонија. Имавме свои аргументи. Гледате ли што се случува во последните денови и месеци? Во име на заштитата на достоинството на бугарскиот народ, предлагаме и ќе поднесеме декларација, со која, ако прифатите да ја одобриме, да го осудиме јазикот на омразата, агресијата, понижувањето на бугарското знаме и симболи, на бугарската химна, на името на Бугарија и на достоинството на бугарскиот народ. За сето ова да се случи, ние сме свесни дека мора да има функционален парламент“, порача Нинова.