Бугарските угостители очајни: Нема музика по 23 часот


Бугарските угостители се заканија со протести ширум земјата доколку не се смени новоусвоениот закон за контрола на бучавата.

Според претседателот на бизнис заедницата Ричард Алибегов, законот е изменет без официјална јавна расправа и без консултации со претпријатијата.

Парламентот ги усвои амандманите на Законот за заштита од бучава во животната средина со цел да се ограничи штетното влијание врз луѓето.

Новите правила предвидуваат строги забрани на бучавата од различни извори од 23 до осум часот наутро и од 14 до 16 часот попладне секој ден. За прекршителите паричната казна би можела да изнесува околу 6.000 евра и затворање на локалот.

– Мора да постојат посебни зони, да се знае, исто како во Грција, Шпанија, Италија, дали ќе биде во близина на аеродром или кадешто нема хотели. Не може да им се каже на гостите дека во 23 часот се затвора, тоа го нема ниту во една земја, истакна Алибегов.

Тој нагласи дека законот е „глуп“ и го носат луѓе кои не се запознати со бизнизот и туризмот во државата. Алибегов смета дека малите и средни бизниси ќе претрпат загуби, а на некои им следува и банкрот.