Бугарските социјалисти незадоволни од Радев, доцни конститутивната седница на Народното собрание


 

Пратеникот на Бугарската социјалистичка партија, Георги Свиленски, го критикуваше претседателот Румен Радев заради одложувањето на конститутивната седница на новоизбраното 48. Народно собрание, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Свиленски, во ситуација во која светот зборува за Трета светска војна, бугарскиот Парламент не работи и прашува кому му требаат 10 дена бугарскиот Парламент да не работи, имајќи предвид дека има многу сериозни прашања што треба да се решат, како што е буџетот, создавањето нова функционална влада и притоа избраните народни претставници 10 дена се  дома и гледаат како преодната влада се обидува со последни напори да заврши некои зделки или евентуално да купи шведски воени авиони „Грипен“.

-Бугарската социјалистичка партија е против купувањето на овие авиони, коментира Свиленски.

Тој прецизираше дека, согласно Уставот,  претседателот Радев има рок од еден месец да ја свика првата седница на новоизбраното Народно собрание и всушност тој рок и не го прекршува, но ниту една од партиите не го побарала од него тоа време за консултации.

Свиленски додаде дека сите партии се изјасниле дека нема да формираат влада со ГЕРБ, а формирањето на Народното собрание Радев го одложи за 10 дена.

Свиленски беше дециден дека ГЕРБ мора да може да формира функционална влада, заедно со Движењето за правата и слободите и „Преродба“, бидејќи ттрите партии се обединија пред три месеци и ја урнаа редовната бугарска Влада.

Според пратеникот на БСП, тие ја уништиле дотогашната политичка влада и сега не знаат што да прават.

-Бугарскиот гласач за време на предвремените парламентарни избори им го даде својот глас, па сега мораа да формираат влада како што се обединија пред да го соборат претседателот на претходното Народно собрание Никола Минчев, а потоа и владата на Кирил Петков. Сега овие партии имаат 140 гласа и неформирањето влада на Бугарија е неодговорно однесување од нивна страна, рече Свиленски.