Бугарските социјалисти на Нинова се против санкции за Русија
Му беа потребни речиси седум часа на бугарското собрание да излезе со речиси заеднички став за руската воена акција во Украина, која започна рано утринава. Конечно беше усвоена декларација во име на парламентот и ставот „за агресивната воена акција на Руската Федерација против Украина“.
Проруската партија Преродба јавно го покажа својот став за тешкото усвојување на декларацијата, а гласањето во салата покажа дека и БСП за Бугарија има резерви за усвојување на ставот претставен од најголемата парламентарна група „Продолжуваме да се менуваме“. На предлог на Социјалистичката партија, декларацијата не беше изгласана во целост, туку со посебни точки. Така, стана јасно дека БСП и Преродба се против санкциите против Русија, пишуваат бугарските медиуми.
Лидерот на Преродба Костадин Костадинов рече дека руските напади не се војна, бидејќи Украина не е членка на НАТО. „Дали е во интерес на Бугарија да усвои декларација во која ние всушност ќе заземеме страна во конфликтот? Која е користа од санкциите, како резултат на кои ќе ги прекинеме и онака заладените односи со Русија“, рече Костадинов.
Потоа во парламентот дојдоа премиерот Кирил Петков и лидерката на БСП Корнелија Нинова. Нинова одби да коментира за медиумите, а премиерот ги повика пратениците да ги осудат руските напади, наместо да „прават политички игри“, потсетувајќи дека Бугарија е членка на Европската унија и партнер на НАТО.