Бугарските социјалисти ќе прават коалиција со националистичките и проруските партии

Во обид да го зголеми своето политичко влијание во најсиромашната земја во ЕУ, Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е дел од Партијата на европските социјалисти (ПЕС), оваа недела објави официјален потег за формирање широка коалиција со проруски и националистички партии.
Бугарската социјалистичка партија отсекогаш одржувала јасна проруска позиција бидејќи е директен наследник на тоталитарната Комунистичка партија која владееше со Бугарија по Втората светска војна до распадот на советскиот систем во Источна Европа во 1989 година.
Лидерката на партијата Корнелија Нинова почна да го менува лево-прогресивниот политички карактер на партијата во насока на националистичка реторика. Во моментов БСП има 10 отсто од пратениците во бугарскиот парламент.
„Ние сме против знамето што Партијата на европските социјалисти (ПЕС) го вее во последниве години за да се имплементира Истанбулската конвенција, да се признае трет пол кој нема врска со биолошкиот пол како социјален пол. Не одобруваме ПЕС да прогласи санкции против Русија поради обезбедување оружје на Украина“, објасни Нинова.
„Среќна сум поради победата на (Роберт) Фицо во Словачка“, коментираше Нинова во интервју за бТВ во вторникот. Таа го објасни „патриотскиот пресврт“ на БСП со промените на глобално ниво.
„Нишалото се ниша од екстремен либерализам во друга крајност – фашизам. Мора да го запреме на средина“, рече Нинова и го истакна мотото на патриотскиот сојуз – „заштита на бугарските интереси во ЕУ“.
Првиот тест за бугарската „националистичка левица“ ќе бидат европските избори во јуни, каде БСП ќе се натпреварува со радикалната проруска евроскептична партија Преродба, која инсистира на прекин на членството на Бугарија во НАТО и го доведува во прашање членството на земјата во ЕУ.
Нинова најави дека во новиот лево-националистички блок ќе влезат 16 партии со кои БСП соработуваше на последните локални избори на крајот на октомври.
„Сите партии ќе направат мрежа. Ќе излеземе со политички документ, декларација за што се обединуваме“, рече Нинова.
Меѓу партиите со кои соработуваше БСП за време на локалните избори се радикалната антиевропска проруска и пропутинска партија Атака на чело со Волен Сидеров, која исто така сега е дел од коалицијата, како и русофилската формација на Николај Малинов, кој моментално се соочува со бугарски суд под обвинение за шпионажа во корист на руските олигарси.