Бугарските провокации се множат, државата подготвува нов закон за здруженија


Министерството за правда подготвува нов закон за здруженија, граѓански организации и фондации. Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација. Последниве денови бугарски здруженија никнуваат како печурки по дожд во неколку македонски градови, а државата сега нема механизам за да го спречи тоа. По промовирањето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста, што кулминираа со подметнат пожар, пристигнаа информации и за новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци. 

Министерството за правда уште пред неколку месеци најави дека се подготвува закон за здруженија, граѓански организации и фондации со кој се очекува да се регулира употребата на имиња на историски личности при регистрацијата на граѓански здруженија и организации. Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација. 

Според „360 степени“, коишто имале увид во документацијата, Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, ја дал согласноста за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“- Охрид. Тензијата околу оваа проблематика започна пред неколку месеци со бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола

Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, по бранувањата со случајот во Битола, во објава на социјалните мрежи посочи дека доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда. Според Дескоска, токму случајот со „Иван Михајлов“ покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба на неговото име.