Бугарските партии ќе добијат 10,2 милиони евра годишно за освоените гласови


Еден добиен глас чини 8 лева. Но треба да освоиш барем еден отсто на изборите. Осум партии ќе делат огромни пари – 50 милиони евра за четири години

 

Успехот на партиите на бугарските избори се валоризира и со пари. И тоа со големи пари. Според изборните закони на Бугарија оние партии што освоиле најмалку еден процент од гласовите добиваат по 8 лева (4 евра) годишно за еден глас. Така, како што пресмета бугарски „Дневник“, осум партии ќе поделат дури 20,5 милиони лева државни субвенции годишно (10,2 милиони евра). За четри години тоа би биле фантастични 50 милиони евра.

Најмногу ќе заработи Има таков народ на Станислав Трифонов – 2,6 милиони евра. ГЕРБ на Бојко Борисов ќе инкасира годишно 2,55 милиони евра; БСП речиси 1,5 милиони евра, Демократска Бугарија 1,3 милиони евра, ДПС 1,1 милион евра, а Исправи се! Мутри надвор! – 500 илјади евра.

Меѓу оние што не влегоа во парламентот, а го поминаа прагот за државни субвенции, е крајнонационалистичката партија Преродба – таа ќе добие 320 илјади евра. А партијата на бизнисменот Васил Бошков кој живее во Дубаи, против кого има 18 обвиненија (и е на црната листа на САД за корупција), ќе инкасира годишно по 200 илјади евра.

Формацијата „Бугарски патриоти“ на ВМРО и две други партии, иако доби 3,14 отсто од гласовите нема да добие ништо, затоа што настапуваше како коалиција, но не го помина изборниот праг.

Овие пари што државата им ги дели на партиите се навистина големи. Дали ќе остане така зависи од тоа дали ќе биде усвоен предлогот на Има таков народ на Трифонов државните субвенции да се намалат драстично, и да изнесуваат по 1 лев за глас. Има таков народ го предложи ова во претходниот парламент свикан по изборите во април, но другите партии одбија да им се намалат државните субвенции. Можеби во овој парламент ќе помине ваквиот предлог на Трифонов. (Н.В.)