Бугарските избори преку политичката пропаганда

Највидлива и најинвентивна е кампањата на коалицијата на ПП и ДБ, додека другите наликуваат на некои бивши времиња


 

„Неделава не заборавајте да ги смените стрелките на часовниците. Идната недела, не заборавајте да ја смените власта“.

Со ваква политичка порака коалицијата на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија ги повика гласачите во Бугарија в недела да излезат и да гласаат на петите избори за две години во земјата. И покрај ваквата политичка состојба, хуморот е и овојпат присутен во кампањата каде што главната битка се води помеѓу ГЕРБ, Продолжуваме со промените, Демократска Бугарија, БСП и Румен Радев во позадина. Највидлива и најинвентивна притоа е кампањата на коалицијата на ПП и ДБ, додека другите наликуваат на некои бивши времиња, но она што е заедничјко – никој никого не штеди во политичката пресметка, со крадењето и неспособноста како главна порака. 

Така, во кампањата на ПП и ДБ против радикалната и националистичка Преродба лидерот Костадин Костадинов се нарекува со неговиот прекар во јавноста „Копејкин“ (јасно алузија на проруската политика), а за самата партија се оценува дека е од феудален тип. 

 

 

„Господинот Копејкин им ја зема целата плата на пратениците и потоа им враќа онолку колку што ќе процени. Партијата немаше проблем да ја прифати поддршката на прогласената терористичка организација низ Европа ‘Православна зора’ со наследници на борци од војската на Милошевиќ. Тоа е партија чиј лидер јавно грми против ЕУ и НАТО и дека ќе ја извади Бугарија од нив, но во приватни разговори вели дека треба да си апсолутно луд за да го сакаш тоа. Партија што не го вади од уста ‘народот’, а во која не се толерира да се има мислење.  Партија ‘фабрика за тролови’, каде добро организирани стотици луѓе за неколку минути преплавуваат со стотици негативни коментари. Партија во која се штитат насилството и протестните ексцеси, дури и се прават сценарија за нив, откако за една пица и 20 лева беа  донесени со автобуси луќе да протестираат на нив. Партија во која лидерот се однесува како фирер и нема навика некому да дава објаснувања за било што, а одлуките ги носи без дискусија, сам. Партија која божем се пресметува со Атака, а всушност е нејзино продолжение. Партија која ги напаѓа лошите Американци, но нејзиниот лидер го поддржа Доналд Трамп на јавен митинг. Партија во која веќе се собраа потписи за референдум, но на скалите пред поднесување на барањето се наеднаш се откажа. Зошто? Затоа што така рекол Копејкин. Партија чиј лидер нема став за работата на јавниот обвинител и која е основана со имиња на починати луѓе, па мораше во двојно помала сала да држи основачко собрание бидејќи покојниците не зафаќаат простор…“

 

Преродба, односно Костадин Костадинов кој е единствен видлив на пропагандните постови, се занимава само со себе и еднаш, кога се загрижи за веста дека Хаг ќе го апси Владимир Путин. Еве што објави по тој повод во кампањата:

 

Инаку, дел на политичката програна на Преродба е и обединување на Бугарија и Македонија.  

 

На мета поради  големата хипотека од повеќегодишното владеење со Бугарија, е и ГЕРБ на Бојко Борисов. Според критиките на Демократска Бугарија, ГЕРБ го зголемил долгот на Бугарија за 21 милијарда лева, и тоа без криза и со замрзнати приходи.

„Ниту зголемување на приходите, ниту покачувањето на пензиите, ништо. Последниот   министер за социјала на ГЕРБ ја зголеми месечната поддршка за инвалидите за 1 лев. ЕДЕН лев! СРАМОТА! Нема повторна пресметка за пензиите 12 години!!! ГЕРБ/ДПС ги изедоа парите“, порачаа од ДБ.

 

 

Една од клучните теми на изборите е и руската агресија на Украина, а пред се двете столици на кои седат некои од политичките лидери во Бугарија и претседателот Радев. Притоа од партијата Продолжуваме со промените објавија „сон“ што им се случува на тие што ја фалат Русија и кои со помош на вештачка интелигенција се телепортирани да живеат во руска средина.

„Сонував дека вештачката интелигенција еволуирала до точка што предизвика огромни промени во светот. Мислите и зборовите на луѓето стануваат реалност во моментот. Тој што ја фали Русија, беше телепортиран во Русија за секунда. тој што го фали Западот – заврши на запад. Имаше само две карактеристики:

1. Одлуката може да се смени само откако ќе помине една година откако ќе стапи на сила.
2. На индивидуалните групи не им беше дозволено да комуницираат за да појаснат која идеологија функционира најдобро.

 

Вештачката интелигенција исто така фубнкционираше и локално: кој сакаше Бојко да биде негов премиер, Бојко стана негов премиер. Така беше и со другите политички лидери. И така, без Бугарија да биде распределена во микро-држави сите наши патриоти (кои сè уште не биле телепортирани во Русија) сега живееја околу езерото Варна и беа управувани од Копејкин.
Сите ГЕРБ-аџии веќе живееја во Банкаја под мудрите наредби на агентот Буда. Секој ја пронајде својата среќа и живееше во рамките на своето разбирање. Немаше повеќе скандали затоа што немаше контроверзи. Секој живееше во својот меур.

Помина време и бугарските русофили расфрлани низ метрополите Воронеж, Новосибирск и Челјабинск ја видоа руската реалност и – не ја сакаа.
Не сакаа повеќе да клечат во надворешни тоалети на минус температури.
Не сакаа да ги мобилизираат во секакви видови војни.
Не сакаа да возат ‘лади’.

Не сакаа да не можат слободно да се изразат.
Не сакаа да ги трујат со чај и новичок.
Не сакаа да немаат пари за храна.

Единствено што сакаа поранешните  русфили беше да заврши годината за да можат повторно да ја користат вештачката интелигенција и да се телепортираат до нивниот толку омразен Запад.

   

На првиот ден по нивното разделување, Копејците одржаа референдум меѓу себе за да ги напуштат НАТО и ЕУ и одлуката беше донесена едногласно. Тие конечно ја спасија својата Бугарија од канџите на родовата еднаквост. Околу Варна се слушнаа извици на патриотизам и  познатите патетични ренесансни архаизми:
‘Да живее Бугарија!’
‘Бугарија на 3 мориња!’
‘Изберете слобода!’

Следниот ден, сепак, руските бродови се појавија на нашето крајбрежје и нашето Црно Море беше окупирано. Бугарија сега беше на ‘нула’ мориња. Но, добра работа беше што Копејците се бореа да го задржат бугарскиот лев и сега ќе ги плаќаат своите руски ослободители во левови, а не во евра!

На почетокот, членовите на ГЕРБ исто така беа многу среќни што немаше кој да им пречи на нивната територија.

Но неубавото беше што немаа право да комуницираат со други групи во Бугарија и сега мораа да крадат само од сопствените соработници. Еврата не беа доволни за сите затоа што сите беа на високи директорки позиции, па преживеаја само оние што имаа силни пријатели. Така, почнаа немирите, луѓето почнаа да бараат правда и сфатија дека ‘моделот на Борисов’ сериозно чкрипи. Наскоро не остана ГЕРБ-овци и сите со нетрпение чекаа да дојде крајот на годината, а најлути беа Даниел Митов, Дениса Сачева и Тома Биков, бидејќи мораа да чекаат цела година за промена на партиската припадност.

Една година подоцна Русија беше само огромна територија без население. Сите тие беа телепортирани во САД. Останаа само неколку избледени тетоважи и искинати ‘Време е за преродба’ постери, но електорат немаше. Самиот Костдинов виде дека без електорат нема субвенции и сакаше да се приклучи на редовите на ДБ и ПП. Истото се случи и со ГЕРБ, БСП, ДПС, Бугарски подем, КОД, МО, компотот и другите шупливи забави зад кои немаше идеологија, туку само лични интереси.

Ги отворив очите. Сонот беше толку прекрасен што го отворив Chatgpt за да видам дали може да стане реалност. Напишав на тастатурата: ‘Зошто најголемите навивачи за Русија да не живеат во Русија?’ По кратко размислување Chatgpt ја направи следната грешка: ‘Вештачката интелигенција работи само таму каде што има барем малку природна’“.  (Н.В.)