Бугарскиот министер за внатрешни работи гледа меѓународен новинарски заговор

Иван Демерџиев тврди дека осумте авторитетни светски медиуми сакале да ѝ инаштета на Бугарија околу влезот во Шенген со приказните за застрелувањето на еден мигрант


Иван Демерџиев

 

Бугарскиот министер за внатрешни работи виде меѓународен новинарски заговор во врска со пукањето на границата со Турција кога беше ранет еден мигрант.

Министерот Иван Демерџиев ја прогласи за манипулација меѓународната новинарска истрага за наводното пукање на невооружен мигрант.

Истрагата за пукањето е дело на осум авторитетни медиуми од различни земји. Меѓу нив се Скај њуз, германската јавна телевизија АРД, британски „Тајмс“, францускиот „Монд“, швајцарската јавна радио и телевизија СРФ, „Лајтхаус рипортс“, Домани и бугарската редакција на Радио Слободна Европа.

Истрагата покажува снимка од млад човек од Сирија кој тврди дека бил застрелан на бугарско-турската граница на почетокот на октомври. По несреќата му биле извршени неколку операции, а според лекарите едната рака ќе му остане парализирана.

Инцидентот е снимен со телефон.. На снимката се слуша истрел, а потоа 19-годишниот Сириец Абдула ел Рустум паѓа на земја.

Тој за Радио Слободна Европа изјави дека истиот ден утрото влегол во Бугарија со голема група, меѓу кои имало и жени. По неколку часа биле уапсени од полицијата. Рустум тврди дека вработените им ги земале парите и телефоните и ги вратиле во Турција. Потоа настана тензија. Тој вели дека полицијата на непристоен начин ги претресувала жените. Како одговор, групата Сиријци почнала да фрла со камења кон полицијата, а полицијата пукала. Сè уште не е јасно како е снимено видеото, бидејќи мигрантите не треба да имаат телефони ако им биле одземени.

Иван Демерџиев за БНТ изјави дека инцидентот на 3 октомври на границата веднаш бил истражен од мешовита бугарско-турска комисија. Таа заклучила дека истрелот не бил испукан од бугарска територија и од бугарски пограничен полицаец.

„Сепак, овој извештај се појавува пред одлуката за Шенген. Разочаран сум од таквата манипулација во пресрет на одлуката за Шенген. Имаме договор (со Турција) според кој оружјето не може да се користи од бугарска на турска територија. Оружјето се користи кога е нападната патрола или кога не се почитуваат наредбите. Во моментот на инцидентот нашите граничари биле опремени со пиштоли. Во видеото бугарско патролно возило е јасно се гледа во далечина.Од таква далечина не може да се застрела човек“, вели Демерџиев.

И без наводите од ова новинарско истражување, апликацијата на Бугарија за Шенген беше блокирана од Холандија и Австрија. Ставот на Виена е дека Шенген не може да се прошири со Бугарија и Романија поради зголемениот проток на мигранти низ Западен Балкан. Холандија не ја прифаќа Бугарија додека не ги слушне конечните заклучоци од сега веќе непостоечкиот мониторинг механизам на ЕК.

Според Демерџиев, Бугарија подобро се справува со мигрантскиот прилив од Грција.