Бугарскиот мандатар му ја претстави новата влада на Румен Радев


Мандатарот Пламен Николов и претседателот Румен Радев

Точно во моментот кога истекуваше законскиот рок за составување на новата влада, мандатарот Пламен Николов му го претстави на претседателот Румен Радев составот на кабинетот што ќе го раководи. Формирањето на владата беше во неизвесност до последен момент бидејќи кандидатот за министер за правосудство самиот се откажа по критиките во јавноста за неговото однесување и имаше трескавична потрага да се најде нов.

Тоа заврши и сега предлогот на владата треба да одие во парламентот каде што Николов и партијата Има таков народ ќе треба да се борат да најдат мнозинство. Гласањето за новата влада ќе биде следната недела.

Засега не се знае дали предложениот кабинет ќе добие поддршка во собранието. На средбата кај Радев беше и вториот човек на ИТН, Тошко Јорданов. Коментирајќи дали ја имаат доволната поддршка тој рече: „Го знаете она за крчаморт и сметките“. Тој рече дека очекува поддршка од Демократска Бугарија, Исправи се БГ! Ние доаѓаме и Бугарската социјалистичка партија. „Ако нема поддршка ќе одиме на избори, тоа е демократијата“, рече Јорданов.

Владата ќе има двајца потпретседатели, Ради Најденов за европски прашања и Петар Илиев за безбедност. Ради Најденов ќе биде и министер за надворешни работи, а Петар Илиев за внатрешни.

За Македонија е најважно местото на Најденов. Тој е искусен дипломат кој бил амбасадор шест години во Австрија, а потоа шест години во Германија. Во моментов е амбасадор на Бугарија во Швајцарија. На почетокот од 2000-те беше шеф на кабинетот на тогашниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски.