Бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски отвори нов клуб во Битола

Новиот клуб на битолчаните со бугарска самосветст има симболично име – „Балкански мост“ и тој се фокусира на културата, образованието и социјалата


Претставниците на „Балкански мост“ во празничините денови имаа повеќе донации

 

БИТОЛА– Битолчани со бугарска самосвест отворија ново здружение во Битола, но овој пат тоа носи многу симболично име „Балкански мост“ и не е поврзано со ниту една историска личност, како што  беше случајот со клубот „Ванчо Михајлов“.

Новото здружение, според негови активисти, било фокусирано на културата, образованието и традицијата и во овие празнични денови е прилично активно со донации, а било дел од вмрежување на исти вакви клубови во Албанија и други балкански држави.

Претседател на новото здружение е битолчанецот Љупчо Јошевски, вработен во РЕК „Битола“, досега неекспонирана личност во јавноста, и не се поврзува со членовите на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“.

Единствена нишка што ги поврзува поранешниот клубот „Ванчо Михајлов“ и новото здружение е бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарска памет“, кој е донатор и финансиски помагател на активностите на клубот. На дел од фотографиите што ги објави  „Балкански мост“ е и битолчанецот Георги Црномаров, вработен во Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, но како претставник од одделот за култура во конзулатот, кој исто така е поддржувач на дел од активностите на новото здружение.

Активист на здружението „Балкански мост“, за „Независен“ вели дека здружението е формирано пролетта 2023 година и првата активност била лани летото кога во Битола гостувале играорци од Бугарија како учесници на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола. Активностите се позасилени сега во празничните денови со донации во неколку институции меѓу кои и Домот за доенчиња и мали деца во Битола каде беа однесени новогодишни пакетчиња купени со помош на фондацијата на Врабевски исто како и во институцијата за рехабилитација на деца и логопедска дијагностика „Хармоничен свет“.

За разлика од клубот „Ванчо Михајлов“ за кој тогашните приврзаници велеа дека  е отворен  со цел „Иван Михајлов да биде  рехабилитира како последен водач на ВМРО“, како и тоа дека „стремежот на клубот е да се прикаже историјата за Македонија од времето на ВМРО“,  сега од „Балкански мост“ велат дека не сакаат поврзување со историски личности.

„’Балкански мост’ е ново здружение и самото име кажува сѐ. Мост меѓу балканските држави. Тоа се фокусира на културата, образованието и традицијата, тоа го потврдуваме и со нашите активности овие денови“, велат од здружението. 

Отворањето на „Балкански мост“ се случува во време кога бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола е укинат, а екс-претседателот Љупчо Георгиевски е обвинет за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, односно за неговите објави на социјалните мрежи каде го величел ликот и делото на Ванчо Михајлов. Судскиот процес е во тек.

Според разговорот со активистот на новото здружение, засега немаат отворено седиште на здружението во Битола, ниту пак закупено објект. 

Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во срцето на Битола предизвика револт кај Организацијата на борците од НОВ во Битола и нивните потомците како и кај пошироката битолска јавност која во континуитет го искажуваше негодувањето од самото има на клубот на социјалните мрежи. Сега познавачите на состојбите велат дека со новото здружение со име со силна симболика „Балкански мост“, битолчани со бугарска самосвест си го „признале“ поразот од непотребната „историска“ провокација.