Бугарскиот амбасадор Ангелов со сопругата донираа прехранбени пакети на дневниот центар „Доза среќа“

Бугарскиот амбасадор во Северна Македонија Ангел Ангелов и неговата сопруга Билјана Ангелова донираа прехранбени пакети за триесет домаќинства, во рамки на дневниот центар „Доза среќа“ во Скопје.

Како што соопшти бугарската Амбасада, Центарот е специјализиран за работа со деца со Даунов синдром, а помошта е обезбедена со одлука на Советот на министри на Бугарија на иницијатива на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

-Хуманитарната помош, што ја обезбедуваме на дневниот центар „Доза среќа“ е за помош на семејствата и израз на солидарност во услови на криза, предизвикана од пандемијата Ковид-19. Досега доставивме донации на 250 семејства со деца со посебни потреби од Република Северна Македонија, а тоа се над 2000 килограми прехранбени производи и производи за дезинфекција, рече амбасадорот Ангелов.

 

Неговата сопруга истакна дека во Амбасадата пред неколку дена примиле писмо од дневниот центар „Доза среќа“, и им причинува задоволство што можат на некој начин да подарат среќа на децата со Даунов синдром кои се во овој дневен центар.

Амбасадата во соопштението додава дека ова е уште еден знак на солидарност кон овој Центар, откако во 2019 ги донирале средствата на „Доза среќа“ собрани за време на хуманитарниот фолклорен концерт на ансамблот „Пирин“ и ансамблот „Танец“ во Скопје.