Бугарски заплет: ГЕРБ нуди влада без Бојко Борисов


Екатерина Захариева изјави дека нејзината партија не сака нови избори, а на експертска влада мислеле на експерти од ГЕРБ

 

Владејачката партија во Бугарија, ГЕРБ, се обидува да зафати подобра стартна позиција пред претседателот на државата да и го додели мандатот за составување на новата влада. Денеска двајца високо позиционирани министри објавија дека ГЕРБ ќе номинира друг премиер, а не Бојко Борисов. А доколку партијата не добие не добие мнозинство за влада, таа е подготвена да го поддржи кабинетот предложен од Слави Трифонов само за да се избегнат нови избори. Тоа го објавија во средата вечерта од министрките за надворешни работи си социјала, Екетерина Захариева и Деница Сачева. Денеска изутрина Борисов на седницата на владата даде друга понуда – дека ќе му даде „10 дежурни пратеници“ на Слави Трифонов да „преземе одговорност“ за формирање на влада.

„Сè уште не разговаравме за имиња за министри или кој ќе биде премиер“, изјави за Бугарската национална телевизија Захариева. Во врска со идејата за влада без Борисов, таа нагласи дека тој пред извесно време рекол оти по завршувањето на мандатот ќе поднесе оставка од премиерската функција и ќе се грижи за својата партија.

Говорејќи за друга телевизија, бТВ, министерката за социјални работи Деница Сачева го даде истото објаснување за тоа како Борисов постојано изјавуваше дека е подготвен да се повлече и да остане само лидер на партијата.

„Ние сакаме да сигнализираме дека не сме деструктивна политичка сила. Време е сите оние кои поставија политички барања на изборите да започнат со нивно спроведување сега и да покажат во пракса што можат да направат“, рече Сачева.

„Коалицијата против ГЕРБ што се формира е повеќе коалиција која бара начин да ја доведе земјата во хаос. Не случајно не е преземена одговорност веќе неколку дена”, додаде таа.

„Да, ние ќе го поддржиме кабинетот предложен од Слави Трифонов“, рече Захариева за БНТ.

„Подготвени сме да не ја туркаме земјата во нестабилност, да не предизвикуваме избори по изборите, ќе ја поддржуваме со 10 или 20 пратеници, доколку немаат доволно, владата на г-дин Трифонов. Јас би го поддржала таквиот кабинет, некои од неговите политики, но не сите“, рече министерката за надворешни работи.

Првата понуда на Борисов до неговите противници ноќта на изборите беше да се обединат за експертска влада до декември, но „протестните“ партии Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се тоа го одбија.

Но според она што го кажа Захариева излегува дека ГЕРБ ќе предложи експертски кабинет од своите претставници.

„ Кабинетот што ќе го предложиме ќе биде од луѓе во нашата партија, имаме доволно експерти. Доколку другите партии не не поддржат, претседателот ќе му го предаде мандатот на  г. Трифонов. Се надевам дека тој ќе предложи влада и нема да бега од одговорност. Трифонов е политичар во моментот. Неговите сценаристи и режисери се политичари во моментот“, додаде Захариева. Според неа, сите политичари од нејзината партија што ќе бидат предложени во исто време се и експерти. „Јас сум политичар, но се чувствувам како експерт”, рече министерката Захариева. (Н.В.)