Бугарски маки со финансиите: Дали ќе се тропне на вратата на ММФ

Буџетската дисциплина во Бугарија е сериозно нарушена последниве години: буџетскиот дефицит годинава може да стигне до 6,9 отсто. Една од мерките е воведување еднократен данок од 33% на вишокот профит за сите компании во Бугарија за 2022 година


 

Финансиите на Бугарија не се во добра состојба, буџетскиот дефицит стигна до големи размери. Затоа денеска службената влада објави дека ќе предложи пакет мерки за драстично намалување на буџетскиот дефицит за 2023 година од над 11 милијарди лева (5,5 милијарди евра) што е 6,9% од БДП, на околу 5 милијарди лева (3%) од БДП, изјави денеска министерката за финансии Росица Велкова.

Според тој пакет, една од мерките е воведување еднократен данок од 33% на вишокот профит за сите компании во Бугарија за 2022 година (освен јавните претпријатија) за втората половина на 2023 година. Доколку тоа не се случи, постои ризик дека Бугарија ќе земе заем од Меѓународниот монетарен фонд.

Владата во средата го усвои концептот за Буџет за 2023 година, кој до крајот на април ќе биде доставен до Собранието што ќе се конституира по изборите на 2 април. Целта е тој да ја исполни границата на дефицитот до 3%, бидејќи тоа е еден од критериумите за влез во еврозоната и е услов во рамките на Европскиот семестар. Доколку нема мерки во новиот закон за буџет тоа ќе значи потреба од нов долг само за 2023 година во износ од околу 15 милијарди лева (7,5 милијарди евра), објасни Велкова. Тој нов заем би бил речиси 10 отсто од вкупниот БДП на Бугарија, кој во 2021 изнесуваше 84 милијарди долари.

Сериозни предупредувања од министерката за финансии Росица Велкова

Доколку Бугарија го достигне ова сценарио, постои можност да не го подигне потребниот обем на долг на меѓународните пазари на капитал, поради што ќе мора да бара финансии од Меѓународниот монетарен фонд.

Буџетската дисциплина во Бугарија е сериозно нарушена последниве години и доколку таа не се стави во ред министерката Велкова, како што пренесуваат бугарските медиуми, наведе неколку ризици – влошување на фискалната одржливост; ризик од поголем дефицит; санкции од Европската комисија; суспензија на плаќањата од ЕУ; одложување на влезот на Бугарија во еврозоната на некое крајно неодредено време; влошување на кредитниот рејтинг на земјата; зголемување на долгот итн.

Доколку се задржат негативните движења на дефицитот, можноста за приближување до горните граници на должничкиот критериум од 60% од БДП се зголемува со забрзана стапка, предупредува бугарското министерството за финансии.

„Теоретски постои опасност за валутен борд со исклучително високи дефицити“, потврди министерката Велкова одговарајќи на новинарско прашање.

Нејзиното предупредување е прва директна јавна референца во последните децении за можен ризик за фиксниот девизен курс и повлекување заем од Меѓународниот монетарен фонд за Бугарија. Министерството соопшти дека целта на набројувањето на ризиците во официјален документ е да се изостри вниманието на министрите за сериозните предизвици со кои се соочува буџетот, но министерството не сметало дека документот ќе биде јавно објавен пред некој ден и дека ќе стигне до кредитните агенции и странските инвеститори како вест. Со недели лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, постојано ја повторува тезата за апокалиптичната состојба на јавните финансии.