Бугарски историчар тврди дека Вапцаров бил стрелан „според законот“

Историчарот Горан Благоев му забележува на претседателот Радев што во саботата положил цвеќе на местото каде што беа стрелани Никола Вапцаров, Антон Попов и четворица други бугарски комунисти


Никола Вапцаров

 

Посетата на бугарскиот претседател Румен Радев во гарнизонското стрелиште во Софија, каде што на 23 јули 1942 беа егзекутирани Никола Вапцаров, Антон Попов и четворица други бугарски комунисти, и положувањето цвеќе во еден дел од бугарската јавност се претвори во дебата за законитоста на смртната казна донесена од тогашниот режим.

Вапцаров и Попов, членови на Македонскиот литературен кружок, и двајцата родени во Пиринска Македонија, беа дел од Бугарската комунистичка партија. И обајцата беа поети, Вапцаров исклучителен. Неговата поезија беше напишана на бугарски јазик, но самиот тој се чувствуваше Македонец и се бореше за правата на неговиот народ. Како истакнат антифашист и дел од воената организација на бугарските комунисти се бори против режимот на царот Борис, но е уапсен во март 1942, осуден на смрт и стрелан четири месеци подоцна.

Во саботата, на 23 јули, претседателот Радев положи цвеќе на местото каде што се стрелани Вапцаров, Попов и останатите и притоа рече дека „денес, кога демократските вредности се секојдневно нападнати, кога старите демони се креваат низ целиот свет, важно е да се оддаде почит на оние кои не штедеа напор во борбата против фашизмот, кои загинаа за слобода и сонуваа за правда“. При тоа тој рече дека Вапцаров е голем бугарски поет и додаде: „Никола Вапцаров е најживописниот симбол на бугарската трагедија, дека талентот е убиен и дека дури и неговото сеќавање е прогонувано“. Румен Радев истакна дека Вапцаров е „маченик на праведната кауза, која во последните години новите ревизионисти се обидуваат да ја избришат од нашата историја“, а антифашизмот е важен дел од минатото на Бугарија.

Горан Благоев, бугарски историчар и политичар, денеска одговори на овие зборови на Радев преку отворено писмо до него објавено во Бгнес, во кое тврди дека Никола Вапцаров бил осуден на смрт според тогашното законодавство и дека теористи не се чествуваат. Благоев дава делови од признанието на Вапцаров пред истражните органи на тогашниот бугарски режим во кои поетот и комунист вели дека „задачата на борбените групи требаше да биде: во случај на војна со Советскиот Сојуз, да ги пресечат железничките линии, мостовите, телеграфските и телефонските линии, да исфрлаат возови со специјални клинови и стеги, да запалат вагони, цистерни со нафта и бродови со горива и муниција“.

Румен Радев полага цвеќе на местото каде што е стрелан Никола Вапцаров

Па Благоев му вели на претседателот Радев:

„Причината поради која, според вас, Н. Вапцаров стана маченик е субверзивната активност против суверена држава со цел да се собори нејзината легитимна власт преку ‘вооружено востание’. Во исто време, активност спроведена за време на војна од страна на странска земја со која Бугарија не ги прекинала дипломатските односи. Според тогашното бугарско законодавство, казната за ваквото дело била ‘смрт’. Инаку, во овој случај обвинети се вкупно 45 лица. Но, осудените на смрт се само 6. Не велам дали се малку или многу. Но, ова сепак доволно зборува за принципите на спроведување на правдата во Третото бугарско царство.

Да ве прашам, господине претседателе: ако денес некоја илегална бугарска организација реши да врши такви субверзивни и терористички активности против нашата држава, не дај Боже – да ве собори Вас или легитимната власт со државен удар – на каква кауза ќе бидат фатени и судени нејзините членови“.

И заклучува: „Како што е познато, Вапцаров е осуден на смрт поради антидржавните активности, а не поради неговото творештво“.

Благоев сакајќи да поентира вели дека со закон од мај 2000 година, комунистичкиот режим во Бугарија од 1944 до 1989 година беше прогласен за криминален, иако стрелањето е извршено во 1942 година. „Со вашата изјава очигледно уште еднаш сакате да ги легитимирате актерите на овој режим како борци за светли и филантропски идеали. Згора на тоа, зборувате за ‘нови ревизионисти’ во современото бугарско општество. Кои се тие, господине претседателе? Оние кои се залагаат за демократија? Тие што сакаат Бугарија да продолжи да биде лојална членка на ЕУ и НАТО? Тие кои инсистираат крвавата страница од историјата на комунизмот во Бугарија конечно да се прочита до крај и да влезе во учебниците без идеолошките манипулации од минатото? Или оние кои се спротивставуваат на обидите да ја турнат земјата назад во рускиот свет? Употребата на ваква ретроградна терминологија од ваша страна како шеф на државата, нѐ враќа во минатото кое мислевме дека сме го оставиле“, вели Благоев.

Вашата реторика за ‘фашизам’ и ‘антифашизам’ сомнително се совпаѓа со онаа на Путин, господине претседателе! Каде, всушност, го туркате бугарското општество“, му пишува историчарот Благоев на претседателот Радев. (Н.В.)