Бугарски и македонски интелектуалци усвоија повелба за зближување на двете општества
Клубот за бугарско-македонско пријателство ќе формира своја историска комисија како алтернатива на сегашната
Заедничка повелба за кохезија и добрососедство денеска усвоија македонски и бугарски интелектуалци, новинари и претприемачи. Тие преку дигитална телеконференција меѓу Софија и Скопје најавија формирање на Клуб за бугарско-македонско пријателство. Целта е да се создаде активно граѓанско општество кое ќе ги зближи двете земји врз основа на европските вредности.„Клубот ќе организира настани (најмалку два пати месечно) во двете земји за да ни помогне да се запознаеме и да се зближиме. Ќе бидат вклучени претставници од различни области – култура, наука, образование, бизнис итн. Убедени сме дека овој искрен дијалог и вложените напори ќе придонесат за имплементација на Договорот од 2017 година и за нашето идно заедничко членство во Европската унија“, се вели во повелбата.
Од бугарската страна на Клубот се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев, Маја Грекова и Стефан Дечев, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев Евгени Канев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Гардев и советникот на поранешниот претседател претседателот Жељу Желев за етнички прашања Михаил Иванов.
Од македонска страна, во Клубот се поранешните премиери Љупчо Георгиевски и Владо Бучковски, Игор Есмеров, поранешен амбасадор во Будимпешта, Васко Наумовски, вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор во САД, Александар Спасеновски од Правниот факултет во Скопје, Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, филозофот Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Марјан Николовски, Столе Наумов и Жарко Трајаноски, историчарот Драган Зајковски и други. Меѓу нив се и организациите на македонските Бугари – Бугарски културен клуб Скопје и Културно-просветното друштво „Вардар“.
Клубот ќе формира работни групи од областа на културата, образованието, науката, економијата, одбраната и сајбер безбедноста, туризмот, медиумите, регионалната соработка. Ќе се формира заедничка историска комисија во сенка како алтернатива на сегашната.
„Целта е да се извлечат бугарско-македонските односи од ќор-сокак преку засилен дијалог во сите области. Контактите меѓу двете општества да бидат извлечени од тесните политички и дипломатски кругови, како и од наводната контрола на тајните центри во двете држави“, се вели во соопштението на Клубот за бугарско-македонско пријателство до медиумите.