Бугарски честитки за Илинден


 

Една телефонска честитка, а друга преку Твитер стигнаа денеска од Софија до македонските власти по повод Илинден.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски изјавија дека му се јавил неговиот бугарски колега Румен Радев да го честита Илинден и дека разговорот бил протоколарен.

Прес-службата на Радев објави дека освен што телефонски разговарал со Пендаровски упатил и честитка. Радев рекол дека „одбележувањето на Илинденско-Преображенското востание од 1903 година зазема значајно место во нашата заедничка историја и е само еден од примерите на богатото духовно и културно-историско наследство кое тесно ги поврзува нашите две земји и нивните граѓани“. Според Радев, „нашата заедничка историја треба да стане вистински фактор за зближување меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, а за тоа треба да придонесат и државниците од двете страни. Декларираните амбиции за заедничка иднина во обединета Европа мора да доведат до вистинско градење и продлабочување на добрососедските односи во интерес на граѓаните, што тие го очекуваат“.

Бугарското Министерство за надворешни работи на Твитер ја испрати следната порака: „Искрени честитки до Република Северна Македонија и нејзините граѓани по повод нивниот национален празник – 2 Август. Уверени сме дека и во иднина ќе продолжиме со добра волја и политичка храброст да работиме за развој на добрососедските односи“.

Македонското МНР исто преку Твитер се заблагодари за „искрените честитки од нашите колеги во Софија. Постигнавме многу во изминатиот период, создавајќи цврста платформа за натамошен развој; остануваме посветени да ги јакнеме меѓусебните врски и да ги негуваме добрососедските односи“.