Бугарската пропаганда зема залет, македонскиот јазик станува „скопска пишана норма“
Во Бугарија се мобилизираат на сите начини за да ги уверат земјите членки на Европската унија во исправноста на аргументите на Софија околу македонскиот јазик и историјата.
Така, за 15 февруари во Софија е најавено објавувањето на „Бела книга за јазичниот спор меѓу Бугарија и Македонија“ како приватна иницијатива, во која според најавите ќе бидат презентирани примери „за кражба на бугарската историја, за уништување на бугарските споменици и за репресија врз Македонците кои се сметаат себеси за Бугари“.
За да бидат аргументите поуверливи, тимот што ја подготвил Белата книга вклучува и двајца автори од Македонија кои се декларираат како Бугари (Владо Тренески и Деан Танчовски) и еден автор од Албанија. Веќе се собираат донации книгата да биде преведена на англиски,германски, португалски и шпански за да можат Европејците, а особено Португалците како претседавачи со ЕУ, да ја разберат позицијата на Бугарија во однос на, како што се дефинира, „современото јазично бугарско царство“.
Професорката Ана Конова, рецензент на книгата порача дека целта на нејзиното објавување е „да даде примери за кражбата на бугарското наследство и кршење на човековите права во Северна Македонија“. Според неа, позицијата на Бугарија за европската интеграција на Скопје не е доволно јасно артикулирана за да им биде јасна на европските партнери. Книгата го следи развојот на бугарскиот јазик и улогата на „бугарските преродбеници од Македонија“, изјави Конова за Бугарското национално радио.
„Авторите од Македонија изразија желба, со цел објективно да ја запознаат локалната јавност со фактите, книгата да биде објавена во „скопска пишана норма“ и на албански јазик. За оваа цел, покрај спонзорите од Бугарија, ќе се бараат и спонзори од Република северна Македонија и од македонско-бугарската емиграција во Западна Европа, САД и Канада“, стои во најавата за книгата.
„Ние веруваме дека токму сега е соодветно да се запознае португалското претседателство со ЕУ со природата на постојните проблеми во РС Македонија. Штом ќе бидат подготвени публикациите на бугарски и на странски јазици, ќе ги замолиме организациите на Бугарите во странство и нивните активисти да контактираат со тимот на автори за да им обезбедат копии за дистрибуција меѓу локалните медиуми, политичари, пријатели на Бугарија, библиотеки, тинк-тенкови и итн. На таквата активност гледаме како на долгорочно партнерство и создавање на бугарско лоби во странство. Со оглед на можностите, некои од авторите би биле вклучени во презентацијата на Белата книга во странство. Сите бугарски печатени, радиодифузни и други електронски медиуми исто така ќе бидат снабдени со потребните копии“, сти во најавата за книгата.
Авторскиот тим, според најавата, ќе ја дистрибуира Белата книга преку лични посети и состаноци со претставници на странски дипломатски мисии во Софија и Скопје. Бидејќи средствата за објавување на Белата книга се собираат преку донации, хартиените и електронските изданија ќе бидат дистрибуирани бесплатно.
„Фактот дека вистината е на наша страна не е доволен. Потребна е вистинска акција за да се поддржи вистината.Покрај тоа, апелираме до сите свесни Бугари да не влегуваат во груби спорови со граѓаните на РС Македонија, бидејќи тие се наши браќа. Во моментов, сајбер просторот е полн со тролови чија цел е ширење на вештачка поделба меѓу населението од двете страни на бугарско-македонската граница преку ширење лажни вести и говор на омраза. Во моментов имаме поделба. Сепак, тоа не ни одговара и мора да ги смениме условите поставени од други“, порачуваат авторите на книгата.
Според објавената содржина во неа еден по еден се споменуваат сите македонски просветители како пример за лажирање на историските факти и на нивното творештво, како Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Браќа Миладиновци, Јоаким Крчовски и други.
Инаку Бугарската академија на науките минатата година издаде речиси идентична книга за јазичниот спор меѓу Македонија и Бугарија која стои на нејзината интернет страница. (Н.В.)