Бугарската комисија ја одложи расправата за францускиот предлог

Новото мнозинство бара прво владата на Петков да се изјасни за предлогот, а потоа да расправа собранието, како што е уставно определено


Од седницата на бугарската комисија за надворешни работи

 

Петнесетина минути и нешто повеќе – толку траеше расправата за францускиот предлог за кревање на ветото на Софија во комисијата за надворешни работи на бугарскиот парламент и потоа со гласови на новото мнозинство заседанието беше одложено. Всушност, вистинската расправа не ни почна, а не беше ни ислушана министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска.

Предлогот за одложување дојде од партијата на Турците, ДПС, и беше поддржан од ГЕРБ, Има таков народ и Преродба. Образложението за одложувањето беше дека секоја одлука на комисијата би била неуставна, затоа што прво за тоа треба да се изјасни владата која е единствено надлежна за надворешната политика, а потоа нејзините одлуки да дојдат на расправа во собранието.

Така пратениците не ја ислушаа министерката Генчовска (ИТН), која требаше да реферира пред нив и за францускиот предлог и за контроверзните протоколи кои досега не се потпишани.

Поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов од ГЕРБ го обвини кабинетот на Кирил Петков дека направил хаос со постапката. „Сите знаат дека предлогот е добар. Треба да почнеме да дејствуваме институционално“.

ГЕРБ инсистира премиерот Кирил Петков да достави предлог-одлука до парламентот. Пратеничката група на ГЕРБ е подготвена за францускиот предлог да се расправа на пленарна седница. Владата одбива да го направи тоа, барајќи за предлогот прво да се изјасни комисијат, па собранието на пленарна седница, а дури најпосле кабинетот.

„Ако владата не сака, ние ќе поднесеме предлог. Тоа што се случува е циркус и кризен ПР“, рече поранешната шефица дипломатијата, Екатерина Захариева, од ГЕРБ.

Се јави и Тошко Јорданов од Има таков народ, кој рече дека неговата партија нема да поддржи францускиот предлог.

Настимир Ананиев од Продолжуваме со промената рече дека  новата коалиција повторно стапила во акција. „Не можам да разберам зошто е скриена министерката Генчовска. Одбија да ја сослушаат, има многу прашања што таа треба да ги одговори, а не новата коалиција да ја крие“, рече тој.

„Ако го пропуштиме моментот, ризикуваме францускиот предлог повеќе да не е на маса. Ова е веќе национално предавство. Оваа влада потполно неодговорно пропадна“, коментира Христо Иванов од Демократска Бугарија, додавајќи дека поддршката што ја објави ГЕРБ за предлогот била камуфлажа.

Претседателката на комисијата за надворешна политика, Венцислава Љубенова (ПП), им рече на новинарите дека, за жал, дискусијата што тие сакаа да ја одржат и да бидат слушнати од сите граѓани не може да се одржи.

Што ќе се случува понатаму во Бугарија околу францускиот предлог е целосно нејасно.