(ВИДЕО) Бугарската делегација положи цвеќе, министерот Демерџиев се пожали дека мерките биле „драконски“


Фото. Б. Грданоски

Откако бугарската делегација положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, се пожали дека мерките на македонската полиција при обезбедувањето на настанот биле драконски. „Таквите безбедносни мерки не се неопходни. Односите меѓу нашите два народа не подразбираат такви драконски мерки како што сме сведоци“, рече Демерџиев мислејќи на застојот што настана на граничниот премин Деве Баир.

Тој изјави дека нема точни информации колку бугарски државјани не биле пуштени во Македонија. Бидејќи проблемот на граничниот премин настанал поради тоа што снемало струја за да се избегнеле такви проблеми во иднина, Бугарија ќе испрати три генератори, рече Демерџиев. Тие ќе биле донирани на трите гранични премини веќе следната недела. „Разбирам дека проблемите продолжија и по рачната обработка на документите. Ваквото однесување е недозволиво и не соодветствува со ставовите и расположенијата на нашите два народа, каде што нема сенка на каков било негативен став и нема причина за вакви провокации“, рече Демерџиев.

„Не сме дојдени да правиме провокации. Ние нема со кој да се разделиме. Соседи сме и треба да имаме добри односи и нашите народи треба да се зближени. Јасно е дека Северна Македонија е самостојна држава и немам намера да одговарам на провокации дека Македонија била бугарска“, нагласи министерот.

Системот за контрола на граничниот премин Деве Баир 4 часа беше во прекин, поради „ технички пад на системот“, со што се оневозможи брзо пристигнување на буграските државјани во Скопје.

Демерџиев изјави дека ги замолил европатеникот Андреј Џамбаски и лидерот на партијата Преродба, Костадин Костадинов, да останат во Бугарија и да не предизвикуваат провокации.