Бугарската БНТ- телевизија или пропаганда?


 
 

Политичката партија ГРОМ реагира на емитувањето на бугарската национална телевизија БНТ во Македонија , оценувајќи дека предвидувањата се оствариле и дека  уште со првото вчерашно емитување во Македонија БНТ „арогантно, некултурно и до крај безобразно ја презентираше својата шовинистичка пропаганда“. БНТ, по повод ослободувањето на Бугарија и Санстефанскиот договор вчера емитуваше документарец во кој  се зборуваше за „фалсификувањето на историјата во  Македонија“. 

„Волкот го менува влакното, но не и навиките, па така и Бугарите веднаш започнаа со негирање на македонската нација и побугарчување на македонските револуционери. ГРОМ го осудува овој чин на предавство од страна на владата и ставање змија во пазувите на македонскиот народ. Затоа е потребно енергично и масовно спротиставување“, се наведува во реакцијата.

Поради тоа ГРОМ апелира до македонскиот народ и сите граѓани „кои се противат на негаторските политики врз македонскиот народ и држава од страна на Бугарите“, да ги блокираат каналите на коишто ќе бидат емитувани бугарските телевизии.

„Не ни треба оружје, ниту куршуми, ниту ракети, доволно е со нашите прсти да го употребиме далечинскиот управувач и да го блокираме нивното присуство во нашите домови. Во овие телевизии и нивните пропаганди од 19 век нека уживаат семејствата Заеви, Османи, Георгиевски, Бучковски и малкумината слични на нив“, додаваат од ГРОМ.

Од друга страна денес имаше и реакции околу фактот дека БНТ почна да се емитува во нашата држава, но МТВ не се емитува се уште во Бугарија, иако за разлика од нивната национална телевизија која емитува државна пропаганда од нашата можат да добијат само партиска.