Бугарската блокада извесна, Берлин продолжува да бара решение


Висок дипломат од земја членка на ЕУ на брифинг со новинарите утрово порача дека од изјавите на бугарската министерска за надворешни работи Екатерина Захариева извесно е дека не може да се очекува Софија да се откаже од блокадата на стратот на преговорите на земјава со Унијата на утрешниот министерски состанок, но дека дипломатските напори продолжуваат, јавува дописничката на МИА од Брисел.

– Сѐ уште веруваме дека има шанси да се усогласи преговарачката рамка, вели висок дипломат од земја членка на ЕУ, ова е пораката од Брисел ден пред министерскиот состанок на кој се очекуваше Северна Македонија да добие конечно датум за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ и прва меѓувладина конференција.

Германското претседателство „продолжува да работи“ и со Скопје и со Софија за изнаоѓање компромис, велат од Брисел, а се вложува надеж и во денешната посета на премиерот Заев на Берлин каде „ќе оствари контакти“, додаваат дипломатите без повеќе детали.

Бугарската блокада која се однесува на строго билатерално прашање е последната пречка која стои пред ЕУ патот на Северна Македонија, но која очигледно за сега е непремостлива.

– Пред една година имавме криза со проширувањето, решивме да ја ревидираме методологијата за пристапните преговори и тука има согласност, она што останува е билатералното прашање, Бугарија се појави со овој историски багаж и бара патоказ во пристапните преговори за справување со тој историски багаж, бараат да се вклучи во преговарачката рамка, објаснува овој висок дипломатски извор за МИА.

ЕУ и германското претседателство се запознаени со последните изјави на бугарската министерка за надворешни работи и за нив е јасно дека таа утре нема намера да попушти, така што дискусијата за проширувањето ќе биде на дневен ред само како „информативна точка“ и не треба да се очекува никаква одлука.

Од Советот на ЕУ потсетуваат дека билатералните прашања се држат одвоени од процесот за зачленување и додаваат дека тој не е „алатка за извршување на билатералните спогодби“.

Дипломатите нотираат дека ниту од македонска страна за сега нема зелено светло, имајќи предвид дека преговарачката рамка треба да биде одобрена од земјите членки, но и од државата кандидат на која и е наменета.

Утре на дневен ред е и преговарачката рамка со Албанија, за која според дипломатите нема крупни проблеми. За сега не се разгледува опцијата да бидат издвоени Скопје и Тирана во процесот, поради тоа што ЕУ верува дека ќе успее да се надминат разликите со Бугарија, но опцијата не се ни исклучува експлицитно.