Бугарската блокада главна тема на разговорите на Пендаровски во Брисел
Претседателот Стево Пендаровски во изјава по денешната целодневна агенда во Европската унија изјави дека најмногу време од разговорите биле посветени на бугарската блокада на евроинтеграцијата на Македонија. Се разбира, покрај главната светска тема – справувањето со пандемијата од Ковид-19 и помошта на ЕУ за регионот. По разговорите со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Пендаровски рече дека не е јасно како ќе се одвиваат натаму работите затоа што во Бугарија нема избрано влада по изборите на 4 април.
„Се разбира најголем дел потрошивме од дискусијата на проблемот што го имаме со Бугарија, значи тој проблем што Бугарија го има со нас. Знаете дека не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција поради противењето на Бугарија. Проблемот е во тоа што, тоа сите го лоциравме, е тоа што изборите во Бугарија завршија меѓутоа без јасен победник и според последните информации сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни, што значи во следниве шеесеттина денови би имале само т.н. техничка или службена влада која нема да има големи овластувања. Значи нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања особено“, рече Пендаровски.
Тој им соопштил на неговите соговорници дека македонските власти се подготвени, подготвени сме уште денеска да се вратиме на маса „да разговараме за сите отворени прашања се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно“. Според него, значајно е што на 10 мај Европската унија има веќе закажано стратешка сесија за иднината на односите меѓу Европската унија и Западниот Балкан. „За таа цел, нивната комисија и нивниот посебен директорат за таа цел има изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан“, рече Пендаровски.
На средбите во ЕУ станало збор и за реформскиот процес во земјата. Пендаровски укажал на напредокот во борбата против корупцијата, пресудите против високи функционери и процеси против припадници на владејачката партија. Но, ЕУ бара да за засилат напорите во борбата против случаите на висока корупција во Северна Македонија.
„Известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт, што беше поздравено, бидејќи се случува практично за прв пат во историјата на нашата држава. Меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција. Тоа е забелешка која што ни ја кажуваат со години наназад и немаме уште многу време за да можеме, нашето реформско и проевропско досие во таа смисла да го дополниме“, вели Пендаровски.