Бугарска политичка сапуница: Влада не смее да се формира


 

Бугарија е на патот кон нови избори, а клучните партии прават десетици варијанти да се обидат вината да им ја префрлат на ривалите.

Собранието на вонредна седница во вторникот го прогласи за неуспешен мандатот на Марија Габриел поставена од ГЕРБ за премиер. Претходно лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, најави дека неговата партија нема да поддржи кабинет доколку следниот мандат го добие коалицијата ПП-ДБ на премиерот во оставка Николај Денков.

Подоцна коалицијата излезе со нов предлог до Борисов велејќи дека ПП-ДБ е подготвена да го спроведе вториот мандат како заеднички со ГЕРБ. Во овој предлог ГЕРБ би требало да предложи кандидат за премиер, но актуелната структура на владата да биде на онаа што е во оставка. Како штобеше договорено пред девет месеци кога се направи спогодбата за важност од 18 месеци со два ротациски премиери.

Ни од тоа не бидна ништо.

Бојко Борисов веднаш потоа испрати писмо до Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија и до медиумите во кое конечно го отфрла последниот предлог на коалицијата.

Во текстот се декларира намерата на партијата на Борисов да не учествува во обидите за формирање влада со вториот и третиот мандат, за да можат бугарските граѓани преку избори да одлучат кој и како да се управува со Бугарија. Во него на седум страници хронолошки потсетува на настани и изјави од последниот месец и половина и се нагласува дека Марија Габриел била спречена да биде избрана за премиер.

Сега пак целата политичка ситуација се враќа во рацете на претседателот Румен Радев. Тој вереојатно ќе предложи технички кабинет (уште еден во низата), кој ќе ја води Бугарија до следните избори. Прашањето е дали тие да бидат заедно со европските избори во јуни или да се гласа на посебни датуми.