Бугарска двојка фатена во Германија, криумчареле новороденчиња
Брачна двојка, маж и жена од Бугарија, по кои полицијата трагала поради криумчарење новороденчиња во Грција, уапсени се во Германија и наскоро ќе бидат испорачани, соопшти државното обвинителство во Софија.
По осомничените во февруари бил издаден европски налог поради сомнеж дека учествувале во организирана криминална група која на грчка територија криумчарела новороденчиња, се наведува во соопштението.
Мажот и жената, чиј син веќе е во притвор во Бугарија, уапсени се на 29 април во Неункирхен, на југозападот на Германија. Државното обвинителство не наведе причина за нивниот престој во Германија.
На сите им се заканува казна затвoр од 5 до 15 години.
Децата се родени и продадени во Грција
Обвинетите од 2005 година во Бугарија врбувале бремени жени од сиромашни семејства со ветување дека ќе добијат 2.500 до 3.500 евра. Потоа ги воделе и ги сместувале во стан во Атина пред да се породат.
„Неколку дена по породувањето децата се продавани на локални криумчари кои најверојатно припаѓаат на меѓународна мрежа за трговија со новороденчиња“, наведува обвинителството.
„Утврден е идентитет на девет жени, сите од сиромашни средини, чии деца се родени и продадени во Грција“.
Трговијата со новороденчиња која прво била раширена во ромските гетоа во околината на Бургас на истокот на Бугарија, овие години се прошири на други делови од земјата, а најчесто одредиште е соседна Грција.
Спороста во постапката на посвојување која порано знаеше да трае и до пет години, поттикна многу кандидати да посегнат по илегална трговија.
Благодарение на Законот од 2018 година, времето на чекање е скратено, но мрежи за криумчарење сè уште делуваат и се полесно „решение“ за они кои не успеваат да посвојат дете на законски начин.