Бугарката Марија Габриел веќе не е еврокомесар, објави Урсула фон дер Лајен
Две вести (а и три) речиси во исто време ги обележаа денешните настани во Софија за формирање политичка влада која треба да ја извади Бугарија од изборниот ќор-сокак. Прво претседателот Румен Радев ѝ го довери мандатот на Марија Габриел, еврокомесарка за иновации и истражување (кадар на ГЕРБ) да се обиде да состави влада во наредните седум денови.
Потоа стигна веста дека социјалистите од БСП го откажуваат учеството во таквата влада, а речиси веднаш потоа стигна објавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Марија Габриел веќе не е еврокомесарка. Габриел ѝ доставила оставка на Фон дер Лајен и тоа значи дека Бугарија повеќе нема претставник назначен од земјата во Колеџот на комесари.
Фон дер Лајен има право да ја остави Бугарија без еврокомесар до крајот на мандатот на Комисијата следната есен. Како претседател, таа ја одредува структурата на раководното тело на ЕУ и може да ги остави ресорите на Габриел до 1 ноември 2024 година на двајцата европски комесари на кои веќе им ги префрли минатата недела.
„Од сега па натаму, извршната потпретседателка Маргрет Вестегер и потпретседателот Маргаритис Схинас ќе ја преземат одговорноста за портфолиото на комесарката Габриел. Извршната потпретседателка Вестегер ќе биде одговорен за иновации и истражување, а потпретседателот Схинас ќе биде одговорен за образованието, културата и младите“.
Марија Габриел зеде неплатено отсуство во ЕУ за да може да преговара за сотавување влада во Бугарија, но очигледно тоа не можело да трае предолго и додека бара една јавна функција другата да стои на сигурно. Тоа мораше да заврши кога го доби мандатот од Радев.
Соопштението од Брисел речиси се поклопи со веста од БСП дека партијата не поддржува кабинет со мандат на ГЕРБ и пропадна опцијата Бојко Борисов да бара решение без втората политичка сила во парламентот, коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“.
Одлуката на Урсула фон дер Лајен следи по добивањето на Габриел на првиот мандат за формирање редовна влада на Бугарија попладнево.
„Комесарката Марија Габриел ме извести дека денеска ќе се појави пред претседателот на Република Бугарија за да добие институционален мандат за формирање влада. Затоа, таа поднесе оставка како член на Колеџот на комесари. Ја прифатив нејзината оставка “, се вели во пораката.
Фон дер Лајен ѝ се заблагодари за нејзината работа и додаде дека е „убедена дека нејзиното европско искуство во овој и претходниот колегиум на членовите на Комисијата ќе биде корисно за Бугарија“.
Која е Марија габриел прочитајте на следниот линк:
„Партиски војник“: Која е Марија Габриел која сака да стане бугарска премиерка