Бугарите во Македонија биле мост меѓу двете држави, рече Петков за време на „десантот“ на Битола

Бугарскиот премиер изјави дека било добро да има повеќе вакви настани, потпретседателката Јотова вели дека немало Македонци во Бугарија


Бугарската делегација пред кулурниот клуб во центарот на Битола (Фото: А.Блажевска)

 

БИТОЛА – „Бугарите во Северна Македонија се мостот меѓу двете страни и заеднички интерес е Северна Македонија да биде дел од Европа“. Таква порака на подобрување на односите меѓу двете држави премиерот на Бугарија Кирил Петков по отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во срцето на Битола.

„Треба да се обединиме не само во Бугарија туку и обединување заедно со Бугарите во Северна Македонија. Тоа е всушност мостот меѓу двете страни и ние треба тој мост да го искористиме за тие права да бидат заштитени. И за Бугарите во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно Северна Македонија да биде еден ден во Европската унија. За да стигнеме таму треба да се обединиме и не може оваа тема да ја користиме за внатрешно политички цели“, рече Петков.

Запрашан од македонските новинари кога неговата држава ќе дозволи да отвори македонски клуб во Бугарија и да го поканат премиерот Димитар Ковачевски, Петков одговори дека колку повеќе имаме вакви настани како денес во Битола, толку повеќе ќе има заедништво меѓу двата народа.

Протести поради отворањето на бугарскиот клуб (Фото: А Блажевска)

„Колку повеќе од двете страни има врски и народот го чувствува тоа заедништво толку подобро за сите, за да се релаксираат врските. Политичарите доаѓаат и си заминуваат, но делата остануваат затоа центарот овде во Битола и тој во Софија се институции кои даваат придонес за добрососедството. Ако немаме мир и стабилност на Балканот, ако не можеме да ги тргнеме границите, ако не може нашите бизниси да работат од двете страни на границата ако народите не може да има една општа визија дека заедно можат повеќе, не ќе се постигне ништо. Ова е гледната точка кои сите треба да ја зборуваме“, рече Петков во Битола.

Петков го избегна директниот одговор на прашањето дали име предлог од македонската страна за надминување на спорот и дали се чека одговор од официјална Софија. „Двете страни работат многу. Треба да стигнеме до една општа позиција, не само во Бугарија туку заедно со Северна Македонија и да е јасна. Ние имаме рамки, имаме сѐ. Јасно е дека за сите нас е важно иднината на Северна Македонија да биде во ЕУ. И сите во Северна Македонија треба да се чувствуваат со рамноправни права. Темата е реална, прашање е само кога, како и со какви отстапки од двете страни. Работиме многу за успех“, изјави Петков.

Бугарската делегација низ битолските улици (Фото: А. Блажевска)

Наспроти Петков, потпретседателката на државата, Илијана Јотова, која беше дел од делегацијата, на новинарските прашања возврати со контра прашање – „Кои се тие Македонци во Бугарија?“ И потоа нагласи дека Македонија треба час поскоро да биде дел од Европската унија, но дека тоа можело да се случи само ако се решат правата на Бугарите во Македонија, не наведувајќи како им беле оневозможени тие права.

„За Македонија да биде членка на ЕУ тоа се правата на Бугарите во Македонија. Права кои треба да се исполнат, за Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Тоа е позицијата на Бугарија. Се радувам што сум тука и што сум дел од овој настан“, рече Јотова.

Во овој своевиден „политичко-културен десант“ на Битола беа и министерската за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и поранешните министри Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, кои беа главни архитекти на бугарската блокада.

Сите сили треба да бидат насочени кон решавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, што впрочем е нашата основна цел“, рече Генчовска.

Слична порака имаше и Захариева – главната цел била правата на Бугарите во Северна Македонија, велејќи дека граѓаните на Северна Македонија во Бугарија имаат подеднакви права со Бугарите. „Основната задача на сите политичари ќе биде правата на Бугарите и дека Северна Македонија ќе стане дел од ЕУ. Се радувам што сум тука на откривање на овој центар. Фактот што сме тука е добар знак, пред нас има многу работа“, рече Захариева.

Отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, наликуваше на клубска забава, но во напнат амбиент, па кога пукна еден од надуваните балони ставени како венец над вратата дел од присутните што го чекаа Петков се исплашија, а потоа следуваше смеење. Општ впечаток беше дека има повеќе полициски службеници и обезбедување отколку гости кои дојдоа на свеченото отворање на бугарскиот центар за култура. Улицата „Рузвелтова“ каде се наоѓа бугарскиот клуб, беше затворена за минувачите, а на Широк Сокак битолчани го искажаа своето незадоволство од отворањето на клубот со  транспаренти и силни пораки.

„Ве описменивме“, напишаа протестантите, додека од Заедницата на Македонците протерани од Грција порачаа дека ОМО „Илинден – Пирин“ е тест за демократијата во Бугарија.

„Признајте ја ОМО ‘Илинден – Пирин“ во Бугарија“, гласаше транспарентот на претседателот на заедницата Никола Костурски кој рече дека протестот не е против бугарскиот народ, туку против бугарската влада која ги негира и не ги признава Македонците и покрај пресудите на Судот за човекови права.

На свеченоста не присуствуваше никој од официјалните претставници на Владата, ниту од локалната самоуправа, а остана неодговорено од организаторите дали, всушност, некого поканиле.