Бугарите од Македонија бараат „правда“ во Уставниот суд за забранетите имиња


Здружението на граѓани „Македонско-бугарско пријателство” поднесе иницијатива до Уставниот суд со која ги спори измените на Законот за основање здруженија кои забрануваат тие да бидат именувани со контроверзни имиња.

Во барањето до Уставниот суд, кое же се разгледува денес, стои дека оспорениот закон го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права. Се наведува дека законодавецот со ваквиот закон се замешал во организации кои се дел од приватната сфера и пропишува дополнителен услов, кој не е во согласност со членот 20 од Уставот кој ја гарантира слободата на здружување. 

Според подносителот оспорениот закон е неуставен затоа што граѓаните може да основаат здруженија, да пристапуваат и од нив да истапуваат се додека програмите и дејствувањето, а не името или скратеното име, не се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување на воена агресија, разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост. 

Со контрабарање до Уставниот суд  да ја преиспита уставноста на  статутот и на програмата за работа на „Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ од Охрид се јави адвокатот Тони Менкиновски. Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се противуставни бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти.