Бугарите купуваат американски оклопни возила: Одвоија 1,5 милијарди долари


Бугарскиот парламент денеска го ратификуваше договорот за набавка на американски борбени возила „Страјкер“ во вредност од 1,5 милијарди долари.

Проценетата цена на проектот ќе вклучува 1,21 милијарди долари за набавка на 198 возила „Страјкер“, 65 милиони долари за артилерија и мало оружје и 101 милион долари за противтенковски ракети „Џавелин“, пишува бугарски „Софија Глоуб“.

„Самиот договор предвидува значително индустриско учество и очекуваме дека тоа ќе доведе до забележителен индустриски ефект и настрана од извршувањето на договорот“, рече министерот за одбрана Тодор Тагарев, додавајќи дека бугарските копнени сили ја чекале новата опрема за 35 години.

Првата испорака на возилата се очекува во третиот квартал на 2025 година, а набавката на муниција ќе биде предмет на дополнителни договори во рамките на американската програма за меѓународна воена продажба.

За ратификација гласаа 148 претставници од редовите на ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ и Движењето за права и слободи, додека 53 од редовите на Преродба, Бугарската социјалистичка партија и ИТН гласаа против, а останатите беа воздржани.