Бугарите не барале да влезат во Уставот, Османи сам им нуди
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави денес дека во ниту една прилика досега, додека разговарал со бугарски преставници, не било побарано да се внесе бугарската етничка заедница во Уставот, но ако некој го користи тој аргумент за да тврди дека се нарушени нивните права, тој нема никаков проблем да го поддржи тоа, поврзувајќи го таквиот став со пописот, иако директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски повторно кажа дека од 1948 година Бугарите кај нас имаат можност и да се изјаснат и тие бројки се соопштуваат.
Објаснувајќи ја изјавата која имплицираше дека Бугарите немаат колективни права во државава, Османи рече дека последните изјави од Софија сѐ повеќе ставаат акцент на тоа дека Македонија врши репресија и не ги почитува правата на граѓаните од бугарско потекло.
„Република Северна Македонија ако со нешто може да се пофали и да се гордее, тоа е степенот на почитување на индивидуалните и колективни права на зедниците, мултиетничкиот карактер на државата и општеството. Тоа е сликата во светот по која сме препознаени. Мојата порака е дека, доколку има било какви информации дека било кој граѓанин во РСМ не може да ја определи својата етничка припадност, да го каже тоа јавно бидејќи како држава ние гарантираме дека тоа не смее да се случи. Ова е обид да се демантираат ставовите дека државата ги нарушува индивидуалните и колективни права на било која етничка заедница. Ако забелешките се дека бугарската етничка заедница, поради тоа што не е спомената во пописот, при прикажување на резултатите се става во категорија ‘останати’, додека само тие што се споменати во Уставот се презентираат јавно, воопшто немаме никаква резерва да се прикажат резултатите на секоја етичка заедница во државата. Нема да дозволиме, дали заради изборна агенда, дали заради билатерални разлики, некој во светот да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права во светот. Оттука беше мојот повик како реакција на тоа што се случи во Софија со претседателот Румен Радев со специјалните служби“, одговори Османи.
Запрашан директно дали тоа имплицира дека треба да бидат вметнати во Уставот, тој одговори:
„Мислам дека може да се најде начин како технички да се прикажат резултатите на сите етнички заедници во државата. Едноставно, не треба да дозволиме да се развие конспирација дека државата има некој специјален однос кон било која етничка заедница“.
Околу прашањето дали некогаш се барало од Софија вметнување на Бугарите во Уставот тој рече дека тоа прашање не е покренато во билатералните односи, па и не видел дека има интерес за покренување на такво нешто.
„Мислам дека ние не треба да имаме резерва во однос на остварувањето на индивидуалните и колективни права на било која заедница“, дополни Османи, практично потврдувајќи го меѓу редови ставот за нивно вметнување во Уставот, иако тоа не го бараат во моментов.
Запрашан зошто дозволува Бугарија да ни се меша во пописот и не реагира со протестна нота, тој повтори дека нема намера да биде вовлечен во внатрешно политичката дебата пред избори во Бугарија.
„Нема да дозволам МНР да влезе во дневен изборен фоклор. Тоа не е наш интерес, интерес на билатералните односи и на решавањето на спорот. Комуницираме по дипломатски канали и ги кажуваме нашите ставови, но нема да дозволиме да бидеме дел од овој изборен фолклор, зашто ќе има многу такви креативни идеи во овој период за да го привлечат вниманието на јавноста. Ние не смееме да ги храниме таквите идеи преку наше вклучување во нив. Има начин како да се разрешат тие прашања“, одговори Османи.
Директорот Симовски одговори дека во сите пописи по 1948 година бил вклучен белегот за етничка припадноста и можноста секој да се изјасни како што ќе смета дека треба да се изјасни без било какво влијание од страна.
„Истата можност постои и сега, па дури и за некакви апсурдни одговори. Друго прашање е како ги прикажувате податоците, во печатен или во електронски медиум, бидејќи во првиот случај имате ограничување во просторот, па не можете секогаш да ги дадете сите можни модалитети, кои можат да бидат и стотина на број. Но, во електронските медиуми може да се прикажат до последниот. Ние секогаш сме ги објавувале овие податоци на два начина – во скратена форма, каде од 2002 година наваму ги објавуваме најзастапените етнички заедници споменати во Уставот и една широка форма, каде што се одело до педесетина различни етнички заедници. Јас лично паметам дека во 1991 година хартиената форма беше околу десет метри долга. Така што, техниката на објавување е нешто друго, но податок за објавување има за секоја етничка заедница. Можноста да се изјаснат како сакаат никогаш не била проблем, ниту да се објави тоа. Особено сега кога објавувањето главно же биде преку електронските медиуми“, рече Симовски, најавувајќи дата на податоци во кои ќе се види дури и податок колку граѓани се пријавиле како марсовци. (С.Ј.)