Бугарија за две години ќе произведува електромобили на германската компанија e.GO Mobile


Во следните две години се очекува во Бугарија да почне производството на електрични автомобили на германската компанија e.GO Mobile, изјави денеска бугарскиот технички министер за економија, Кирил Петков, на брифинг во Советот на министри.

Компанијата е една од двете со хомологација на ЕУ ( издавање дозвола од официјално тело). Втората голема компанија во Бугарија – Бош, всушност ќе дава многу делови за овие автомобили и тие ќе бидат произведени во нашата земја.

-Ние не зборуваме само за монтажа, туку зборуваме за кластер – како бугарските компании што произведуваат делови ќе им продаваат на компаниите за автомобили што се произведуваат во Бугарија за извоз, рече Петков.

Тој ги демантираше информациите дека на оваа зделка се работи подолго време. Според него, договорот всушност бил постигнат во последните пет недели.

-Ако се уште не можам да го објавам како конечна одлука, помислете дека се уште ништо не е решено, додаде тој.

Според министерот, германската компанија брза бидејќи во моментот конкуренцијата за електрични автомобили е голема и „кој излезе прв на пазарот со најновите автомобили има предност. Се надеваме дека реално за две години ќе се гради фабриката и дека ќе ги имаме првите произведени автомобили, додаде тој.