Бугарија во нов заплет по изборите
Во новиот парламент влегуваат истите шест партии како по гласањето во април само со изменета поддршка. ГЕРБ и БСП и натаму ја губат поддршката, Има таков народ засега е на прво место
Доколку официјалните резултати бидат многу слични како и излезните анкети и паралелните пребројувања, тогаш Бугарија по неделните избори влегува во нов заплет во кој ќе биде многу комплицирано да се направи влада.
Партијата Има таков народ на телевизискиот водител и шоумен Слави Трифонов победи на предвремените парламентарни избори во Бугарија, според податоците на агенцијата „Галуп“ од паралелното пребројување на 90 проценти од гласовите. Коалицијата ГЕРБ-СДС останува втора политичка сила.
„Галуп“ наведува дека станува збор за резултати според нивна прогноза, а официјалните ќе бидат објавени од Централната изборна комисија.
„Има таков народ“ освоија 23,2 процента од гласовите, ГЕРБ-СДС – 23 отсто, БСП – 14,3 проценти, Демократска Бугарија – 13,4 отсто, ДПС – 11,5 проценти, Исправи се! Мутри надвор! – 5,1 процент. Останатите пратии не го преминаа дозволениот праг за влез во парламентот.
Во својата прва реакција во јавноста од крајот на денот на изборите во Бугарија, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов – ГЕРБ предвидува дека се појавува влада составена од партиите на протестите, што се одржаа пред една година.
Лидерот на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, најави дека нема да поднесе оставка по изборите, бидејќи сега БСП и Бугарија имаат поважни задачи, како што е оваа земја да има функционална влада. Таа коментираше дека БСП е подготвена да преговара за политики во различни области при формирањето на новата влада на Бугарија.
Излезните анкети на агенциите „Алфа рисрч“ и „Галуп“ покажуваа речиси исти резултати – шест политички формации влегуваат и во новиот парламент (како и во претходниот), само што има зголемување на бројот на гласовите на таканаречените протестни партии. И според двете излезни анкети националистите од коалицијата „Бугарски патриоти“ се под прагот за влез во парламентот (четири отсто), па дури и со помалку гласови отколку на изборите во април.

Се очекува дека ќе има позначајна промена кога ќе стиггнат гласовите од странство, каде за овие избори се зголемени бројот на гласачките места за над 300 (меѓу нив особено значаен е бројот во Турција). На изборите во април најголемиот број од гласовите на Бугарите што живеат и работат во странство го освоија протестните партии.
Излезноста на изборите е помала од изборите во април и изнесува околу 40 отсто.
Според распоредот на силите ниту еден од двата главни блока – протестните партии и оние за статус-кво, немаат мнозинство во собранието. Но сите ги чекаат официјалните резулатити па после да почнат можните комбинаторики за состав на новата влада.