Бугарија во конфузија, Радев тврди дека се заканува диктатура

Настаните во Бугарија стануваат со секој ден сѐ подраматични. Радев тврди дека се случува предавство и најавени „чистки потпишани во крв“


Румен радев со Урсула фон дер Лајен на самитот во Кишињев

Во Бугарија се одвива тешка политичка битка, чиј резултат е неизвесен, но последиците уште сега јасно се гледаат. Земјата е во длабока криза, а на повидок нема излез по неколкуте предвремени избори.

Претседателот Румен Радев во четвртокот го продолжи својот силен обид да го  саботира формирањето на редовна влада на позадината на најавениот напредок во преговорите меѓу коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и ГЕРБ.

„Не очекувам бакнежот меѓу Борисов и Петков да роди ништо друго освен згрозеност и не води кон доверба и одржливи решенија“, изјави Радев на новинарите пред самитот на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија.

Бугарија треба да има редовна влада, но треба да почива на јасни демократски принципи и пред сѐ да работи за Бугарија, додаде тој.

Копретседателот на Продолжуваме со промената, Кирил Петков, не се согласи со тонот на Радев и кратко одговори дека „има многу луѓе кои не сакаат Бугарија да биде демократска земја“.

„Нема да навлегувам во цитати од никого, бидејќи знам колку е важно да се има редовна влада која се држи до својот вредносен систем и која ќе ја однесе Бугарија напред, каде што очигледно многу луѓе не сакаат да биде – демократска, европска земја со работни институции, а не со служби кои се мислат какви провокации да прават“, посочи Петков.

На почетокот на неделата, Радев ѝ го врачи вториот владин мандат на коалицијата ПП-ДБ, порачувајќи дека не сака да успеат да формира влада. После тоа, во нападот се приклучија и началниците на службите поставени од него.

Радев во својата изјава вели дека за време на самитот кој се одвива во сенката на Русија и под зголем безбедносен ризик на кој главна тема е војната во Украина и енергетското поврзување, 47-те лидери сигурно ќе се расправале и за правата на Бугарите во Македонија.

„Европскиот состанок на високо ниво доаѓа со важни последици за иднината на континентот, особено за Бугарија. На позадината на сериозните проблеми со правата на Бугарите во Република Северна Македонија, што сигурно ќе биде тема на денешните разговори, на позадината на војната во Украина, за растечката тензија во Косово, проблемите во енергетиката и поврзаноста – важна тема на разговорите ќе биде прашањето за разнишаната доверба и разнишаната европска перспектива на Бугарија по срамните записи на Националниот совет на Продолжуваме со промената и последователните признанија на челниците“, рече Радев.

Според претседателот, овие настани ја оддалечуваат Бугарија со огромни чекори од Европа – во однос на вредностите и моралот, како и на принципите и начинот на водење политика.

„Овие записи ја збришаа евроатлантската фасада и го открија назабеното лице на ползечки диктатор и фанатизам – како најава за сериозни прекршувања и чистки потпишани во крв, за погром на институциите и предавство“, рече шефот на државата.

Според него, сето тоа „ги дискредитира европските лидери“, а „европскиот печат грми со крајно негативни коментари за Бугарија“.

„Ова е срам што е истурен на лицето на земјата. За една ноќ беа збришани напорите вредни една година и опипливите достигнувања. Сега ќе биде потребно време и многу напор за да се врати земјата одржливо на својот европски курс“, смета Румен Радев.

Претседателот, исто така, рече дека голем број европски лидери побарале средба со него денеска и тој ќе направи напори да ги убеди дека Бугарија ќе остане демократска европска земја.

Покрај оваа изјава на Радев денеска во Бугарија се случи кошкање и за малку тепачка во собранието меѓу националистите од Преродба и пратеници на Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија. По тоа лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, на Фејсбук напиша дека „Бугарија се соочува со распаѓање на државата, нацијата и народот“. Според него, ПП-ДБ биле две секташки организации чии претставници во парламентот се дрогирани од идејата за сопствената големина и непогрешливост. „И всушност, тие се беден куп луѓе, преплавени со желба за моќ, слава и пари“.

Во друг многу важен момент изгледа дека е отворен патот за разрешување на моќниот главен обвинител, Иван Гешев. Денеска седница одржа Врховниот судски совет (ВСС) кој расправаше за предвремената смена на Гешев. Самиот Гешев не беше на седницата и поднесе барање да се одложи расправата за уште еден ден поради тоа што имал службени обврски. Но членовите на ВСС едногласно го одбија неговото барање, како и барањето да се запре постапката за негова смена. (Н.В.)