Бугарија: ВМРО може и да се откаже од учество на изборите на 2 април
Партијата на Ангел Џамбаски не најде заеднички јазик со Стефан Јанев да има заеднички кандидатски листи со Бугарски подем
Шансите некој од претставниците на бугарската партија ВМРО да се пробие во парламентот на изборите на 2 април изгледа се сведени на теоретски минимум откако формацијата на Ангел Џамбаски не успеа да најде заеднички јазик да излезе на гласањето со заеднички листи со Бугарски подем.
Причината е што на средбите што се одржаа меѓу претставниците на двете формациине биле постигнати конкретни резултати за идната предизборна платформа и приоритети кои треба да се бранат во следниот парламент, јава прес-центарот на ВМРО.
„Бугарски Вожод“ од почетокот на неделата одржува средби и разговори со граѓански организации и партии за да излезат со заеднички листи за претстојното гласање. Засега само од „Земјоделскиот народен сојуз“ потврдија дека ќе имаат свои предлози во партиските листи.
ВМРО ја критикува партијата на Стефан Јанев дека и покрај јавно објавената намера да објави декларација со основните принципи на кои ќе стои Бугарски подем, таа не објавила ништо такво.
ВМРО наведува што биле нејзините постулати за изборен договор со Бугарски подем: „демографска политика, борба против шпекулации и инфлација, национална безбедност и постигнување нулта миграција, одбрана на историската вистина и правата на Бугарите како основа за ставот за односите со Македонија, циганизацијата , преразгледување на Зелениот договор“. Партијата на Јанев, очигледно немала слични ставови со оние на ВМРО.
Поради пропаднатите преговори и исклучително нискиот рејтинг во анкетите раководните органи на ВМРО ќе одлучуваат дали партијата воопшто да излезе на изборите на 2 април, иако е регистрирана за нив.
На изборите во октомври Бугарски подем како нова партија успеа да го помине прагот за влез во парламентот освојувајќи 4,63 отсто од гласовите, додека ВМРО пропадна целосно со поддршка од само 0,81 проценти. Некои од истражувачките агенции во Бугарија во своите анкети веќе ги ставаат двете партии заедно. Во анкетата на „Галуп“ објавена минатата недела, тие две партии би добиле заедно 4,2 отсто од гласовите и нивната листа би влегла во собранието.