Бугарија влегува во 10-дневен локдаун


Стапката на смртност е зголемена за 124% за две недели и Бугарија е веќе трета во светот по Чешката Република и Унгарија според стапката на раст на починати

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                                  Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарија влегува во својата трета блокада во понеделник, кога ќе се затворат ресторани, трговски центри, спортски сали и градинки, а училиштата и универзитетите ќе учат од далечина.

Ќе работат само продавници за храна и мали непрехранбени дуќани, аптеки и работилници за услуги. Забранети се сите собири во затворени простории и надвор, а на свадби и погреби ќе можат да се соберат до 15 лица. Кината, театрите и галериите ќе бидат затворени, но хотелите ќе останат отворени и на гостите ќе им се носи храна во своите соби. Спортските натпревари ќе се одржат без публика, а екскурзиите ќе бидат забранети.

Повеќето ограничувања од 22 март беа забранети до крајот на февруари, но на 1 март владата одлучи сериозно да ги релаксира ограничувањата, и покрај советите од лекарите и експертите кои предупредуваа на третиот бран што се заканува.

Засега, заклучувањето ќе трае 10 дена. Предвидено е ограничувањата да бидат укинати четири дена пред парламентарните избори на 4 април, доколку се намали бројот на пациенти со Ковид-19.

Премиерот Бојко Борисов рече дека ограничувањата се воведени затоа што здравствениот систем е преоптоварен, а граѓаните не сакаат да ги почитуваат „либералните ограничувања“.

„Има многу луѓе кои просто се потсмеваат со маските. Светот во овој момент не измисли ништо друго, освен овие мерки. Да, тие се непријатни“, коментираше Борисов.

Министерот за здравство Костадин Ангелов рече дека нема дискусија за одложување на изборите. Веќе се вакцинирани 24.000 членови на изборната администрација, обезбедени се заштитни одела и средства за дезинфекција за избирачките места и се издадени правила за безбедно спроведување на гласањето.

Изборите може да се одложат доколку Националното собрание прогласи вонредна состојба. Сепак, парламентарните партии досега не ја коментираа таквата можност и само некои мали опозициски партии прават притисок да се одложи сѐ додека не се реши здравствената криза.

Во четвртокот, бројот на хоспитализирани го надмина рекордот на вториот бран на крајот на 2020 година, со 7.804 лица кои се лекуваа во болници со Ковид-19, 609 од нив во единици за интензивна нега.

Претседателот на националниот штаб за борба против епидемијата, Венцислав Мутафчиски, рече дека стапката на смртност е зголемена за 124% за две недели и дека Бугарија е веќе трета во светот по Чешката Република и Унгарија според стапката на раст на починати. 136 лица починаа во последните 24 часа, повеќе од 1.400 од почетокот на март.

Бројот на заразени лица е зголемен за 94 отсто за две недели, а активните случаи во моментов се речиси 50.000.

Во исто време, вакцинацијата скоро запре во очекување на европскиот регулатор на лекови да објави дали вакцината „Астра Зенека“, која владата престана да ја користи минатиот петок, е безбедна. Имунизацијата со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ продолжува, но само за администрацијата, лекарите и наставниците, со помалку од 5.000 дози на ден. Само 350.700 лица се вакцинирани од почетокот на годината.

Сопствениците на ресторани и продавници се изјаснија против новата блокада. Првите не се задоволни што ќе затворат само 20 дена откако ги отворија објектите и инсистираат рестораните да започнат со работа на 1 април, независно од другите ограничувања. Трговците сакаат владата да им ги надомести загубите. Досега властите ветија дека ќе им дадат бенефиции само на родителите на неплатено отсуство. Тие можат да аплицираат за средства за да ангажираат негувателки на своите деца.