Бугарија веќе е трета по смртност од Ковид-19 во Европа


Најлоша е ситуацијата во Софија и Габрово (во централна Бугарија), каде што повеќе од 1.000 луѓе на 100.000 жители се дијагностицирани со корона

Јавноста беше шокирана кога на аматерска видео снимка се виде како две лица умираат на влезот на болницата во Пловдив, додека чекаат да бидат примени на лекување

 

Јовка Димитрова                                                                                                      (Од нашиот дописник)

СОФИЈА – Бугарија стигна до третото место во Европа според смртноста од компликации од корона вирус и во последните 14 дена достигна 14,3 на 100,000 жители. Ова го објави националниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев во четвртокот.

„Ние сè уште се движиме нагоре. Инфекциите растат, а со тоа и сите други индикатори како хоспитализации и морталитет “, рече Кунчев.

Според Европската здравствена агенција (ЕЦДЦ), Бугарија е на 13-то место од 30 земји во ЕУ и Европската економска област според бројот на нови случаи, една недела пред Унгарија. На Балканот, Бугарија е втора најпогодена земја по Северна Македонија, со морбидитет од 658 луѓе на 100.000 жители.

Алармантните податоци се појавија во време на широко распространетата аматерска видео снимка на која се гледа како две лица умираат на влезот на болницата во Пловдив, вториот по големина бугарски град, додека чекаат да бидат примени на лекување. Директорот на болницата изјави дека во моментот на инцидентот имало доволно лекари и медицински сестри во болницата, но тие биле зафатени со други пациенти.

Најлоша е ситуацијата во Софија и Габрово (во централна Бугарија), каде што повеќе од 1.000 луѓе на 100.000 жители се дијагностицирани со корона. Во Софија се наоѓаат 2.026 лица во болница, што е зголемување за 263 од понеделникот.

Во земјата има 5.629 хоспитализирани лица, од нив 313 се на интензивна нега. Во последните 24 часа починаа 117 лица и беа излекувани 944. Според официјалните податоци, активните случаи на Ковид-19 се 75.526.

И покрај зголемувањето на бројот на пациенти со Ковид-19 и бројот на примени лица во болниците не се предвидуваат нови ограничувања, иако експертите инсистираат на нив. Според надлежните, причина за влошување на состојбата не се недоволните мерки, туку нивното непочитување од страна на граѓаните.

„Ситуацијата е крајно комплицирана. Мерките што ги презедовме не наидуваат на разбирање и поддршка. Се верува дека нема вирус или дека тие ги ограничуваат правата“, рече министерот за здравство Костадин Ангелов.

Тој призна дека станува збор за недоверба кон државата и лекарите од страна на граѓаните и предупреди дека ако ова продолжи „нема да стигнеме никаде“.

Ангел Кунчев додаде дека ако населението продолжи да не носи маски, да држи дистанца и да остане дома во случај на појава на симптоми, ќе биде потребно „да се засилат мерките за контрола на ситуацијата“. Тој не прецизираше дали се разгледува целосното заклучување, како што е воведено во многу европски земји. Познато е дека премиерот Бојко Борисов е против затворањето, затоа што верува дека тоа ќе има лош ефект врз економијата.

Досега министерот за здравство нареди да се отворат болници за третман на пациенти со ковид во сите регионални центри, каде што заболените се над 600 на 1.000 жители. Во нив треба да се отворат и ковид чисти болници, каде што ќе се лекуваат пациенти со други болести и каде нема да бидат примени пациенти со корона вирусот. Планирано е да се направи таква поделба во Благоевград, Ќустендил, Варна, Пловдив, Русе, Перник, Монтана, Враца и Варна. Ова е нова одлука на Министерството за здравство, откако во октомври на сите болници во Бугарија им беше наредено да отворат одделенија за третман на ковид. Приватните болници се изјаснија против ова, велејќи дека немаат специјалисти кои можат да лекуваат вирусни инфекции.