Бугарија: Теодора Генчовска и официјално веќе не е министерка
Последните двајца министри од партијата Има таков народ – Александар Николов за енергетика и Теодора Генчовска за надворешни работи, денеска поднесоа оставки пред бугарскиот премиер Кирил Петков, официјално соопштија нивните ресори. Така, сите министри од партијата на Слави Трифонов веќе објавија дека го напуштат кабинетот на Петков. За ова минатата недела донесоа одлука министерот за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов и министерот за спорт Радостин Василев. Конечната одлука за ослободување на министрите од нивната должност се носи со гласање во собранието.
Првото соопштение денеска беше за оставка на Николов. Официјалните информации велат дека причините за неговото повлекување се чисто политички. Подоцна со слично образложение беше објаснета и оставката на Генчовска.
Владата на Петков го загуби мнозинството во парламентот, сега ѝ недостасуваат 12 пратеници за да може да владее и да го преживее евентуалното гласање за недоверба. Расплетот на ситуацијата се движи кон нови избори наесен, што ќе бидат четврти за година и пол.
Заминувањето на Генчовска и целосната нестабилност на кабинетот на Кирил Петков речиси сигурно ќе има влијание и врз разговорите што повремено се водат меѓу македонските и бугарските дипломати за барање на модалитетите за решавање на спорот. А и на полниот капацитет на кабинетот на Петков да може да одлучува за кревање на ветото.