Бугарија: Теодора Генчовска го наполнила кабинетот со агенти на тајната служба

Министерката за надворешни работи именува кадри од Државната безбедност како советници, повеќето на возраст од околу 70 години


Теодора Генчовска во тесна кожа уште првата недела по именувањето за министерка

 

Новата владина коалиција во Бугарија е под силен стрес не само поради изјавата на министерот за одбрана околу отфрлањето на идејата за војски на НАТО во државата, туку и поради екипата што министерката за надворешни работи ја прими да службува со неа.

Теодора Генчовска избра повеќе поранешни агенти на тајната служба да бидат дел од нејзиниот кабинет како советници. Меѓу нив е и поранешниот шеф на тајната полиција (ДАНС) Петко Сертов.

Шефот на парламентарната група на Има таков народ (на чиј предлог е Генчовска за министер), Тошко Јорданов, изјави за бугарските медиуми дека „нема да има ниту еден советник од Државната безбедност во екипата на Министерството за надворешни работи“.

„Ова ќе престане следната недела“, рече премиерот Кирил Петков, незадоволен од именувањата на министерката, која целиот професионален живот го поминала во безбедносните структури и има завршено воена академија.

Петков уште додаде дека „се преземени брзи мерки и оние лица со досиеја кои беа објавени во медиумите нема да бидат именувани, или ќе бидат ослободени доколку веќе се именувани. Секој министер има право да го предложи својот тим, но тогаш ние во коалицискиот тим разговараме за тоа. Овие луѓе нема да бидат именувани“, рече тој.

Бугарските медиуми јавуваат за острите реакции во јавноста, особено поради тоа што многу години водството на министерството за надворешни работи се обидува да се исчисти од луѓето кои работеле за тајната полиција, од кои голем дел се возрасни дипломати.

Генчовска планираше да се потпре на Петјо Петев, роден 1956 година, како шеф на нејзиниот кабинет, кој бил соработник на тајната полиција под името „Динов“. Во кабинетот на шефот на дипломатијата е предложен и Петар Воденски, роден 1951 година – таен соработник со име „Велинов“ во Генералштабот на Бугарската народна армија.

Со Генчовска треба да работат и Иван Петров (роден 1953 година), кој бил во Првата генерална управа на државната безбедност како таен соработник наречен „Балинов“, како и Лечезар Петков, роден 1949 година.

Информациите за именувања на кадри на државната безбедност во МНР предизвикаа реакции и на опозицијата. Даниел Митов од ГЕРБ (поранешен шеф на дипломатијата) изјави дека „Државната безбедност се враќа на бел коњ“ и тоа не каде било, туку во политичкиот кабинет на МНР.