Бугарија става вета, па ни дава пакетчиња

Откако ни направи огромна штета со ставањето вето на преговорите со Европската унија, бугарското МНР последните недели глуми добротворство во нашата држава, донирајќи сѐ и сешто, вклучувајќи ги и вакцините што ги ветија без да кажат колку и кога. Така, денес бугарската амбасада донирала новогодишни пакетчиња на деца, во рамки на некаков проект „Бугарски божикни празници“, што се спроведува со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи.

Од Амбасадата соопштија дека биле поделени 140 новогодишни пакетчиња со чоколади, бонбони и училишен прибор за основното училишта „Д-р Златан Сремац“, Домот за рехабилитација на деца и млади, Домот за деца со образовни проблеми, Детската болница за белодробни заболувања „Козле“ и Дневениот центар за деца со Даунов синдром „Доза на среќа“. Пакетчињата ги предале бугарскиот амбасадор  Ангел Ангелов и неговата сопруга.

Денешниот настан, посочиле  од Амабасадата, е израз на постојаната поддршка што ја даваат за ранливи социјални групи во Македонија и воспоставената долгорочна соработка со повеќето корисници. Подароци и новогодишни пакетчиња денеска им биле поделени и на деца во бугарската амбасада во Скопје, така што со евтини пари Софија си го шири списокот на силни поддршки со кои се правда во Брисел за блокадата.