Бугарија: Собранието ја отфрли предложената влада на Николај Габровски


Николај Габровски не успеа

 

Како и што се очекуваше, бугарското собрание ја отфрли предложената влада на мандатарот, неврохирургот, Николај Габровски. Тој беше предложен за мандатар од најсилната политичка партија, ГЕРБ.

Габровски ги собра зад себе пратениците на ГЕРБ, партијата на Турците, ДПС, и Бугарски подем на поранешниот службен премиер Стефан јанев. Но тоа беше недоволни. Трите формации собраа 113 гласови, додека оние што беа против – Продолжуваме со промената, Демократска Бугарија, БСП и Преродба имаа 125 гласови.

„Дебатата звучеше како веќе да сме во изборна кампања“, рече Габровски на крајот од собраниската расправа. Тој изјави дека не му е јасно што имаа пратениците против седумте приоритети на неговиот предлог-кабинет.

„Она што испадна е дека ова е добро за сите, но тие нема да поддржат влада. Потоа почна реториката од која јас како активен граѓанин се изморувам. Што останува за другите помалку заинтересирани граѓани“, рече Габровски.

Тој рече дека не слушнал ниту еден конкретен збор против професионалноста на кандидатите за министри. „Сѐ уште имам надеж дека не сум потфрлил. Моето барање е да се издигнете над овој чисто партиски себичен интерес“, рече Габровски.

Ова беше првиот од трите предлози за премиер што ги доделува претседателот Румен Радев. Пториот мандат ќе отиде кај Продолжуваме со промената, а ако и тие не можат да формираат влада Радев ќе додели и трет мандат по свое наоѓање. Доколку и со него не се успее ќе се оди на нови избори.