Бугарија: Службената влада сака долго да остане на власт
Слубената влада дејствува како испостава на претседателот Румен Радев и неговите политички интереси
На работ на своите уставни овластувања, службената влада во Бугарија се однесува како да се подготвува да остане на власт долго време: се однесува како активен учесник во изборната кампања и ги предодредува принципиелните позиции на државата, обновувајќи ги преговорите со „Гаспром“. Вака Борјана Димитрова од социолошката агенција „Алфа рисрч“ ја коментира предизборната ситуација во интервју за Бугарското национално радио.
„Кабинетот нема забрана да врши кадровски назначувања, но во духот на уставните овластувања има задача да подготви фер избори и да ја смири политичката ситуација. Ги гледаме спротивните постапки на службената влада, насочени кон визија за подолгорочно управување, предодредување на принципиелните позиции на Бугарија од сега па натаму, како што е обновувањето на преговорите со „Гаспром“. Службениот кабинет не се однесува како балансирачки и транзициски, туку како активен учесник во изборната кампања. Ова е на работ на неговите уставни овластувања и се добива впечаток дека се подготвува да остане на власт многу подолго, а не само два месеци“, коментира Димитрова.
Според неа, главните напади на преодната влада се насочени кон кадрите и политиките на Продолжуваме со промените и БСП и гласачите на овие две партии многу јасно ги гледаат нејзините постапки во кампањата и пораки до нив.
Димитрова ја опиша логиката на политичкото дејствување на службената влада низ очите на претседателот Румен Радев, кој и ја назначи: зпораката за Продолжуваме со промената е „Јас ве создадов, а јас и ќе ве уништам“, а до БСП – „Вие ме соддадовте мене, но јас ќе ве уништам“.
Социологот нагласи дека Бугарија во последните две години е на пат на еродирање на партиско-политичкиот систем и јакнење на претседателските овластувања без промена на уставниот систем. „Ова може да остави трага на идните случувања и е лекција за партиите дали ќе покажат способноста партискиот систем да произведува стабилни администрации“, предупреди таа.