Бугарија се согласи на кусото име Северна Македонија
Бугарскиот премиер Кирил Петков објави дека во наредните 60 дена ќе биде воспоставена авионска линија Софија - Скопје
Само што се видоа, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот Кирил Петков се договорија околу едно од спорните прашаења. На заедничката прес-конференција тие објавија дека се договориле Бугарија веќе да не се противи на употребата на скратеното име Северна Македонија и да не инсистира на употреба само на официјалното „Република Северна Македонија“.
Тоа беше едно од најважните постигнувања од денешната прва средба на двајцата премиери која беше растоварена од условувања, толку многу што се отиде и во друг правец – се експонираше голем оптимизам дека спорот ќе се реши, дека добрососедството е најважно за двата народа, дека преговорите ќе се интензивираат и дека преговарањата ќе одат толку брзо што, според Петков, секоја недела ќе може да се објави успех.
Договорот за употребата на краткото име беше едно од трите постигнувања, покрај свикувањето на меѓувладината конференција веќе на 25 јануари во Софија и формирањето на работните групи. Дека се решени да го сменат целосно текот на спорот, Петков и Ковачевски потврдија со фактот дека договорот за краткото име го постигнале и пред да се сретнат, бидејќи известија дека за таа одлука веќе се информирани и Обединетите нации преку вербална нота од наша страна.
„Северна Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи. Затоа денес како двајца премиери на многу блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина“, рече Ковачевски најавувајќи ја одлуката.
„Тоа значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име. во ниту еден меѓународен и билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите нации. Истовремено Северна Македонија преку Министерството за надворешни работи, исто така испрати вербална нота до ОН, во врска со употребата на нашето долго и кратко име, во која изрично се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и се потврдува отсуството на било каква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија“, истакна Ковачевски.
„Ова е прв чекор во новото поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и соработка помеѓу двете држави и двата народи“, истакна премиерот Ковачевски, најавувајќи дека на 25 јануари во Софија ќе бидат договорени и други.
Другата важна најава ја даде Кирил Петков, објавувајќи дека во рок од 60 дена ќе стартува авионската линија Софија – Скопје.
„Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис“, рече Петков.
Околу другите контроверзни прашања, како именувањето на македонскиот јазик и продолжувањето на работата на Комисијата за историски прашања, премиерите не беа толку прецизни. Петков, повикан да ги именува јазикот и народот во оваа држава, одговори индиректно дека идентитетот и јазикот се прашања решени со Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година.
„Во нашиот Договор за соседство имаме многу јасна дефиниција за јазикот. Сакам да кажам многу јасно дека во Договор за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот. Тука е прашањето дека Бугарија го почитува и горди сме што ја признавме независноста на Северна Македонија и истовремено со тоа го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија и користењето на сите ваши јазици како што се во Уставот. Имаме полно почитување на тоа“, додаде Петков. Притоа јасно посочи дека фокусот отсега ќе биде на тоа зошто е толку важно двете земји да имаат добрососедски односи, место да се фокусираат на проблемите.
Ковачевски рече дека историските прашања ќе бидат во втор план, а целта на двете влади ќе биде зближување на народите.
„Во однос на јазиците, ние сме држава признаена од Бугарија, со македонски јазик, со потпишани билатерални договори со кој се регулира начинот на кои се потпишани тие договори, македонскиот јазик е дел од Повелбата на ОН и другите институции и организации каде членуваме“, додаде Ковачевски.
Околу Комисијата за историски прашања тој рече дека таа ќе продолжи со работа во рамките на едната од договорените работни групи и дека има свој план за работа.
„Тие треба да информираат што е договорено и начинот на кој е договорено. Сите прашања кои се однесуваат на историските делови ќе бидат во втор план, а во прв план е градењето е зближување на граѓаните, кој ќе ни даде стимул и аргументи за постигнување на договор со Бугарија и отпочнување на преговорите со ЕУ“, рече Ковачевски. Тој се надева дека договореното помеѓу членовите на Историската комисија ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото. Ковачевски исто така најави дека сите овие прашања што се однесуваат на историјата ќе се најдат во втор план отсега натаму, а во прв план ќе биде зајакнувањето на соработката што, како што рече, ќе ни даде аргументи за да го направиме финалниот исчекор за постигнување на договор со Бугарија и за добивање на согласноста да започнеме преговори со ЕУ.
Прашањето кое беше најекспонирано изминатите денови, за македонското малцинство во Бугарија, не беше споменато воопшто на прес-конференцијата, но видливо најмногу ги интересираше бугарските новинари, кои се обидуваа да откријат кој стои зад неговото повторно отворање – САД или политички кругови кај нас.
Инаку, толку колку што беа релаксирани премиерите беа и новинарите, а една од нив си дозволи на крајот од прес-конференцијата да му подари, како што се изрази, здраво црвено бугарско јаболко на нашиот премиер Ковачевски во знак на доверба дека ќе работи на одржување на единството меѓу двете земји.
Иако средбата беше организирана според ковид протоколите, бугарските новинари беа видно порелаксирани и во овој поглед од македонските и половината од нив не користеа заштитни маски, а во име на добрата соработка никој не ги опоменуваше за тоа.