Бугарија се подготвува за трет локдаун
(Од нашиот дописник) Јовка Димитрова
СОФИЈА – Бугарија ќе ги заостри ограничувањата поради скокот на новите случаи на пациенти со Ковид-19 и пренатрупаните болници.
Откако властите ги зголемија болничките кревети неколку пати, следната недела се очекува да бидат воведени дополнителни ограничувања, вклучувајќи забрана за собирање во затворени простории, затворање на трговски центри, спортски сали и ресторани.
Мерките се очекува да бидат објавени в четврток и да стапат на сила следната недела.
Во Софија ограничувањата ќе бидат воведени во сабота, на 20 март, а се очекува затворање на продавниците во големите трговски центри, спортски сали и ресторани. Градинките нема да работат, а децата од 1-4 одделение ќе учат од далечина. Ограничувањата на бројот на клиенти кои можат да бидат внатре во исто време ќе бидат повторно воведени во големите продавници и супермаркети.
Засега не е планирано ограничување на движењето, вклучително и со јавниот превоз, ниту воведување на задолжително носење маски на отворено, изјави главниот здравствен инспектор Ангел Кунчев.
„Дојде време за одлучна акција. Ситуацијата наметнува ограничувања“, рече Кунчев додека премиерот Бојко Борисов беше во Виена поради недостиг на вакцини.
Во вторникот во Бугарија беше регистриран нов рекорд на нови пациенти со ковид од почетокот на годината и достигнаа 4.637 на ден. Еден од секои четири извршени ПЦР-тестови е позитивен. Веќе има 7.269 луѓе во болниците, 1.000 повеќе во последната недела. Бројот на луѓе во критична состојба на интензивна нега, исто така, нагло се зголеми – 577. Во последните 24 часа починаа 187 лица, што е рекорден број. Последните денови таа бројка се движеше над 100.
Налозите за воведување на новите ограничувања се очекува да бидат издадени на крајот на неделава, со наведување на роковите и специфичните мерки.