Бугарија размислува да им дава по 50 лева на оние што ќе се вакцинираат


Досега само 10-12% од населението во Бугарија има примено две дози вакцина

Бугарија разгледува опција да ги охрабри луѓето со парични ваучери за да се вакцинираат. Ова за Нова ТВ го изјави привремениот министер за здравство Стојчо Кацаров. Сепак, вели тој, досега не е донесена таква одлука.

„Овој предлог дојде од Националниот одбор за туризам. Овие ваучери ќе се користат за туристички услуги, а нивната вредност ќе биде 50 лева“, рече Кацаров.

Министерот вели дека Бугарија сега е во „зелена“ зона во однос на бројот на заразени лица со околу околу 20 пациенти на 100.000 жители. Ако оваа бројка се зголеми 5 пати, се влегува во „портокаловата“ зона, ако се зголеми 10 пати во „црвената“ зона. Според Кацаров, нов бран Ковид-19 е можен на крајот на летото поради Делта варијантата. Сепак, министерот за здравство го уверува бизнисот дека рестораните ќе продолжат да работат доколку вработените се целосно вакцинирани .

Досега само 10-12% од населението во Бугарија има примено две дози вакцина. Според Кацаров, нема да има потреба од трета имунизација. Тој вели дека за големо количество на вакцини на „АстраЗенека“ рокот му истекува на 31 август.

„Интересот за оваа вакцина е навистина мал. Ќе можеме да ги донираме во соседните земји пред да истечат“, рече тој.