Бугарија: Расте популарноста на Има таков народ на Слави Трифонов


Слави Трифонов очигледно игра на одржување на нови избори

Според последната анкета, ГЕРБ и Има таков народ се изедначени во поддршката, а во мал пораст е изјаснувањето и за другите протестни партии

 

Постизборната конфузијата во Бугарија околу формирањето на новата влада донесе поместување во рејтинзите на политичките партии. Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов три недели по изборите ја зголеми популарноста кај граѓаните, барем според анкетите, додека ГЕРБ на сѐ уште актуелниот премиер Бојко Борисов, загуби неколку проценти од поддршката.

Според анкетата на агенцијата „Маркет линкс“, двете партии сега се речиси изедначени во поддршката: за ГЕРБ на новите избори, кои изгледаат речиси неизбежни, би гласале 21,1 отсто, додека за Има таков народ 20,3 отсто. Резултатот од изборите на 4 април беше речиси 9-процентна разлика за ГЕРБ: партијата на Бојко Борисов освои 26,2, а на Слави Трифонов 17,7 отсто.

Резултатите за довербата во политичките лидери е во голема полза за Трифонов: во него доверба имаат огромни 41,6 отсто додека во Борисов 21,5, речиси истоветна како и во неговата партија.

Кај другите партии соодносите се релативно слични. Бугарската социјалистичка партија во анкетата има поддршка од 16,5 отсто (на изборите освои 15 проценти), Демократска Бугарија го поправила својот скор и сега има поддршка од 11,9 отсто (на изборите 9,5 отсто), а партијата на Турците ДПС е нешто послаба во поддршката со 9,4 отсто.

Во новиот парламент изгледа дека сигурно би влегла и другата протестна партија Исправи се! Мутри надвор со 5,9 отсто (на изборите освои 4,7 проценти), додека ВМРО на Красимир Каракачанов според оваа анкета повторно ќе остане надвор од парламентот, затоа што со 3-процентна поддршка не може да го помине прагот од 4 отсто. Веројатно затоа последниве денови има повици од лидерите на другите националистички партии за обединување на „патриотскиот блок“ за да се влезе во парламентот.

Интересно е што во анкетата спроведена од 16 до 23 април дури 60 отсто од граѓаните изјавиле дека сигурно ќе учествуваат на новите избори, што е повеќе од 10 отсто од оние што излегоа на 4 април.

Новиот парламент усвои промени во изборното законодавство, со кои ќе се избере нова централна изборна комисија, ќе се гласа со машини и ќе се зголеми бројот на местата во странство каде што ќе може да се организира гласање. Претседателот Румен Радев најави дека последниот трет мандат за формирање влада ќе им го даде на социјалистите и изрази надеж дека бугарските социјалисти ќе ја искористат оваа можност во обид да формираат кабинет на „демократската алтернатива“. Но без поддршка од трите протестни партии таа мисија е невозможна, освен ако БСП не се здружи со ГЕРБ за да направи влада на „партиите кои се за статус-кво“, како што тие две формации се оценуваат во бугарската јавност.

Слави Трифонов го врати мандатот за неговата партија во истиот миг кога го доби, образложувајќи дека не сакаат да бидат уценети од досегашните мејнстрим партии кои донесоа голема корупција во Бугарија.

Познатиот антрополог и професор, Ивајло Дичев, за Дојче веле анализираше од каде доаѓа популарноста на Има таков народ кога партијата речиси и воопшто не водеше кампања, а нејзините политички ставови се целосно магловите. Анализирајќи ги коментарите на социјалните мрежи Дичев вели дека поддршка за Трифонов доаѓа од луѓе кои досега биле малку ангажирани во политиката.

„Првото нешто што остава впечаток е дека овие луѓе немаат никаква врска со политиката. Некои можеби се млади, други се гастарбајтери во странство, трети едноставно не биле заинтересирани досега – не знам. Но, гледам дека нема барања, нема ставови за дебатите во парламентот. Чудно за формација на која ѝ припишуваме популистички профил – никој не отвора збор за повисоки пензии, па дури и династичкиот став на луѓето од Има таков народ кон епидемијата“, објаснува Дичев.

Според него, не се дискутира за промена изборниот систем во мнозински, ниту за преполовување на пратениците, ниту за директен избор на главен обвинител, теми кои ги форсираше Трифонов во својата политичка агенда. Некои велат дека се разочарани што гласале за Трифонов, а тој го вратил мандатот; други пак дека направил брилијантен потег.

Според законските одредби, доколку и БСП не успее да формира влада тогаш претседателот Радев ќе иманува технички кабинет кој ќе има задача да спроведе нови избори, најверојатно во јули. Дали овој тренд во сегашниве анкети ќе продолжи ќе биде јасно тогаш. (Н.В.)