Бугарија протерува 70 руски дипломати од Софија и го затвора рускиот Генерален конзулат во Русе 


Бугарија – Бугарската заменичка министерка за надворешни работи, Ирена Димитрова, денеска ја повика во Министерството амбасадорката на Руската Федерација, Елеонора Митрофанова, соопшти прес-центарот на Министерството.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Митрофанова била информирана за одлуката на бугарските власти да го намалат бројот на вработени во руските дипломатски претставништва во Република Бугарија во границите кои нема да го надминуваат бројот на бугарските претставништва во Руската Федерација.

Бројката треба да се задржи до 23 дипломатски и 25 административно-технички персонал.

Барањето на Бугарија се темели на реципроцитетот врз основа на чл. 11 од Виенската конвенција за дипломатски односи.

Персоналот на странските мисии треба да се одржува во разумна и нормална рамка, со оглед на моменталната состојба на билатералните односи.

Второ, поради активност на руските претставници, дефинирани од надлежните бугарски власти како некомпатибилни со Виенската конвенција за дипломатски односи, а чија цел е развивање пријателски односи меѓу државите.

Во вербалната нота врачена до рускиот амбасадор во Софија се наведува и очекувањето на бугарската страна Русија привремено да го затвори својот Генерален конзулат во Русе, а Бугарија привремено да го затвори конзулатот во Екатеринбург.

На руската амбасадорка Митрофанова и беа претставени имињата на 70 соработници на мисиите на Руската Федерација во Бугарија, кои треба да ја напуштат територијата на земјата до 3 јули 2022 година .