Бугарија: Приказната со мандатарите заврши, Радев во потрага по технички премиер

Партијата Има таков народ го доби третиот мандат и веднаш го врати. Радев во проблеми каде да најде технички премиер


Партијата Има таков народ го доби третиот мандат и по неколку секунди го врати

 

И официјално – на сите дилеми во Бугарија денеска им е ставен крај: земјата оди на уште едни предвремени избори. Единствено е нејасно дали тие ќе се одржат во истиот ден со европските на почетокот на јуни или Бугарите ќе одат два пати на гласање за кус временски период.

Партијата на Слави Трифонов – Има таков народ (ИТН) го доби денеска мандатот за формирање на нова влада и веднаш му го врати ја врати папката на шефот на државата Румен Радев. Со тоа завршија трите уставни обврски мандатот да се доделува на три различни партии.

Претседателот рече дека започнува разговори со сите потенцијални кандидати за привремен премиер. „Ќе направам сѐ што е можно за да се забрза процесот на формирање на официјален кабинет“, изјави Румен Радев.

Според Уставот, откако не е постигнат договор за влада, претседателот по консултација со пратеничките групи и на предлог на кандидатот за привремен премиер именува преодна влада и закажува нови избори во рок од два месеца.

По измените на Уставот, шефот на државата може да избира меѓу претседателот на Народното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Комората за ревизија и народниот правобранител или неговиот заменик.

За да не биде избрана технички премиер, заменичката на омбудсманот Елена Чернева-Маркова вчера поднесе оставка.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов денеска го повика претседателот да не ги именува за технички премиери претседателот на Собранието Росен Желјазков и претседателот на Ревизорската комора, Димитар Главчев, кои се од ГЕРБ.

„На никаков начин нема да дозволам Росен Желјазков да биде премиер. Навистина се надевам дека претседателот нема да го именува ниту Димитар Главчев“, изјави Бојко Борисов пред новинарите во Собранието. Неговото размислување е дека тие би биле поврзани со ГЕРБ на некој начин и не би било убаво затоа што ГЕРБ ќе се смета како владејачка.

Извори на Медиапул од претседателството соопштија дека претседателот Румен Радев нема да именува вршител на должноста премиер од раководството на централната банка поради претстојниот прием на Бугарија во еврозоната.

Во меѓувреме, поранешниот уставен судија проф. Пламен Киров за „Нова вести“ прогнозираше дека следниот вршител на должноста премиер ќе биде жена, а тоа ќе биде Горица Кожарева – заменик претседател на Ревизорската комора. Тој не ги откри изворите на ова негово предвидување, но на шега рече дека тоа му го предложила „кристалната топка“.