Бугарија пред избори: Расте предноста на коалицијата на Кирил Петков

Коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ останува прва политичка сила пред изборите в недела во Бугарија, па дури и малку го зголемува водството пред ГЕРБ. Ова го покажуваат податоците од анкетата на агенцијата „Маркет линкс“ спроведена заеднички со bTV.
Според резултатите од истражувањето, ПП-ДБ има поддршка од 23,7% од оние кои цврсто решиле дека ќе гласаат, а ГЕРБ – 22,3%.
Разликата меѓу двете формации е 1,4 процентни поени. Во претходното истражување на агенцијата, ПП-ДБ беше пред ГЕРБ со 0,5 процентни поени.
И оваа анкета, како и сите други претходно, покажува дека во следниот парламент сигурно би влегле вкупно пет политички формации. Сосем веројатно дека партијата на поранешниот технички премиер, Стефан Јанев, Бугарски подем овој пат нема да успее да го премине прагот. Бугарските социјалисти продолжуваат да тонат.
Трета политичка сила е партијата на Турците ДПС со поддршка од 13,6 отсто, четврта е Преродба со 11,4 отсто. Петта е БСП со 7,3 отсто од гласачите.
Под бариерата од 4 отсто за влез во парламентот се Левица со 3,4 отсто, Има таков народ со 2,3 отсто, како и Бугарски подем со 2,1 отсто.
Додека партиите се во последните денови од кампањата Бугарија е преплавена со дојави за бомби, главно насочени кон училишта. Дали овие дојави моеж да го спречат изборниот процес е едно од прашањата во јавноста. Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, денеска изјави дека дојавите за бомби во голем број училишта нема да ги прекинат претстојните избори в недела. Полицијата веќе в сабота ќе го преземе обезбедувањето на избирачките места и ќе остане на место до завршување на изборите.
„Веќе во сабота ќе извршиме физички преглед на секое избирачко место и ќе ги земеме под обезбедување за да не биде можно да се наруши изборниот процес. Апелирам до луѓето мирно да го остварат своето право на глас. Секој може да гласа без никакви грижи“, рече министерот за внатрешни работи. „Затоа нема начин за време на изборниот процес, дури и да има пријави за експлозивни направи, нема шанси да се подметнат“, рече Демерџиев.