Бугарија: Пратеник од БСП зборуваше против Русија, партијата веднаш го исклучи


Јавор Божанков рече дека Русија е агресор и дека ќе ја загуби војната

 

Бугарската социјалистичка партија (БСП) го исклучи пратеникот Јавор Божанков од својата пратеничка група поради неговиот различен став по прашањето за испраќање воена помош за Украина. Тој во денешната дебата на таа тема ја бранеше тезата дека Русија е агресор и дека нема да победи во оваа војна. По неговиот говор, лидерката на партијата Корнелија Нинова изјави дека во нивната пратеничка група има луѓе со различни мислења, спомнувајќи го Божанков по име, но истакна дека се важни колективните политички одлуки.

Соопштението за негово исклучување до медиумите го испрати прес центарот на партијата. Во него се наведува дека по говорот на Јавор Божанков, пратеничката група на коалицијата „БСП за Бугарија“ донела едногласна одлука за негово исклучување од групата. Причината е наведена дека и покрај одлуката на Националниот совет на БСП и на пратеничката група да гласаат против испраќањето на оружје за Украина Божанков се спротивставил.

Пратеничката група го повика Божанков да го напушти парламентот и да го ослободи местото за следниот на листата. Доколку одбие да го стори тоа, ќе стане првиот независен пратеник во сегашното собрание.

Пред само неколку недели, на барање на претседателот на пратеничката група на БСП и на Корнелија Нинова, Собранието го ослободи адвокатот од комисијата за правни прашања и го испрати на едномесечен службен пат во САД. Тогаш се коментираше дека вистинската причина за реконструкцијата е тоа што Божанков не гласал како својата група за враќање на хартиеното ливче за гласање.

На почетокот на неделата, БСП го избрка својот единствен окружен градоначалник во Софија, Делјан Георгиев, поради неговото несогласување со измените во Изборниот законик и враќањето на хартиените ливчиња. Неговото исклучување не доби поддршка од претседателот на градскиот совет на партијата, Иван Таков, кој изјави дека никогаш не одобрувал такви одлуки и смета дека таквите одлуки се деструктивни за авторитетот и довербата во партијата.