Бугарија повторно објаснува зошто кажала „не“ за Македонија, а „да“ за Албанија


Бугарското Министерство за надворешни работи

Откако беше изолирана на состанокот на европските министри на 22 јуни Бугарија денеска повторно почувствува потреба во време од неколку дена да ја појаснува својата позиција зошто ставила блокада на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, а зошто дала зелено светло за Албанија. А покрај тоа соопштува кои биле наводните ветувања што премиерот Зоран Заев ги дал за време на посетата на Софија, кои се слични со оние што веќе ги кажа македонскиот премиер, но никаде не кажува што треба да направи од своја страна Бугарија – туку само што треба да направи Скопје.

Во него се вели дека Софија изразува подготвеност за конструктивен дијалог за време на претстојното словенечко претседателство, но навестувајќи на индиректен начин дека овој проблем може да трае и подолго, ги споменува и следните претседателства на Советот на ЕУ.

Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи се вели дека „Бугарија беше принудена да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи одржан на 22 јуни 2021 година. На истиот состанок, Бугарија даде позитивна оценка за достигнувањата на Република Албанија во реформскиот процес и рече ‘да’ за усвојување на нејзината рамка за преговори“.

Министерството вели дека „позицијата на нашата земја за европската перспектива на нашиот близок сосед, Република Северна Македонија, е конзистентна и јасна“ и дека таа се засновала врз Копенхашките критериуми и целосната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Бугарското министерство вели дека македонската делегација во Софија изразила подготвеност „што побрзо да потврди до ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект Република Северна Македонија, а не на географскиот регион Северна Македонија“. Бугарија тврди дека дел од регионот Северна Македонија се наоѓа во рамките на границите на Бугарија.

Потоа, се наведува дека Македонија нема претензии да бара „историски, етнички и други претензии за малцински права за кои било луѓе во Бугарија“.

Се наведува и: „Република Северна Македонија да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија во пракса би го одразувал нашиот заеднички европски цивилизациски избор;

Република Северна Македонија да ја прилагоди со Бугарија содржината на нејзините наставни програми со цел објективно да ја рефлектира нашата заедничка историја како и со цел елиминирање на образовната содржина што влева омраза кон Бугарија. Како и отстранување на знаци и натписи на територијата на Република Северна Македонија, кои влеваат омраза кон Бугарија и Бугарите“.

Ова соопштение на некој начин е мал чекор назад од тврдиот став што го кажа претседателот на Бугарија Румен Радев на евопскиот самит во четвртокот, но во него не се споменува ништо што треба од своја страна да направи Бугарија, освен да ја крене блокадата. Дури се споменува дека содржината на македонските наставни програми да биле прилагодени со учество на Бугарија. Не се споменуваат ниту инфраструктурните проекти, ниту приближувањето на младите.

Во соопштението се наведува и дека бугарскиот министер Светлан Стоев му испратил денеска писмо на неговиот македонски колега Бујар Османи, „во кое изрази очекување за исполнување на преземените обврски од Република Северна Македонија, како и подготвеност на бугарскиот страна да се најдат трајни и одржливи решенија“.